По години најави, одложувања и неуспешни обиди, конечно се помести работата од мртва точка – Скопје треба да добие нов луна парк. Но, наместо фокусот да биде на тоа што проектот конечно ќе почне да се реализира, вниманието веднаш се пренасочи кон тоа кој ќе го гради. Старото правило како да повторно се потврдува – кога нешто со години не се случува, сите прашуваат „зошто“, а кога конечно ќе тргне, прашањето станува „зошто баш вака“.
По повеќе од два месеци од завршувањето на јавниот повик, Град Скопје конечно ја избра фирмата што ќе го реализира проектот за нов луна парк. Како најповолен понудувач е избрано друштвото за градежништво, трговија и услуги „Мастеф“.
Според информациите, деталите за понудата, како и вкупната вредност на проектот, ќе бидат јавно објавени откако ќе се потпише договорот меѓу градските власти и избраниот изведувач. Засега не се познати точните финансиски параметри ниту роковите за реализација.

Изборот на „Мастеф“ повторно ја отвори јавната дебата, особено по претходните обвинувања од страна на опозициската СДСМ. Од партијата уште минатата година посочија дека оваа компанија често добива државни тендери и дека во изминатите три години има склучено договори вредни над четири милиони евра.
Од Град Скопје засега нема подетални коментари, но се очекува повеќе информации да бидат соопштени во наредниот период. Проектот за нов луна парк е еден од позначајните инфраструктурни зафати во главниот град, кој има за цел да ја збогати туристичката и забавната понуда.
![]()

