КОЈ СЕ КРИЕ ЗАД ТЕНДЕРСКИОТ СКАНДАЛ ВО СКОПЈЕ?

Во координирана акција на Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија и Основно јавно обвинителство Скопје, извршени се претреси на две локации во Скопје во рамки на истрага за сомнителни активности поврзани со јавни набавки.

Од МВР информираат дека постапувале по пријава за кривични дела поврзани со фалсификување службени исправи и користење документи со невистинита содржина. Во акцијата биле опфатени дом на лице со иницијали Н.С., како и објект – детска градинка каде што лицето било вработено. Претресите се реализирани врз основа на судски наредби издадени од Основен кривичен суд Скопје.

Според официјалните информации, по целосно документирање на случајот ќе следува поднесување на соодветни пријави.

Од Обвинителството потврдуваат дека се постапува по истиот предмет и дека истрагата е во тек, без да откриваат повеќе детали во оваа фаза.

Во меѓувреме, дел од медиумите објавија дека се испитуваат три лица осомничени за изработка и користење фалсификувана документација со цел учество на тендери во државни институции, најчесто поврзани со општината Чаир. Неофицијално, станува збор за лица на возраст од околу 39 години, кои биле приведени, а потоа ослободени додека трае понатамошната постапка.

При претресите, полицијата одзела предмети и документација кои се сметаат за релевантни докази во истрагата. Според првичните сознанија, постои сомнеж дека осомничените манипулирале со документи за да стекнат предност во постапките за јавни набавки.

Надлежните институции најавуваат дека по завршување на истрагата ќе следуваат дополнителни мерки и одлуки во согласност со законот.

Loading