Андреј Жерновски реши да ја преземе улогата на дежурен толкувач на реакциите на владеачката партија со доза на самоувереност која остава впечаток дека токму тој најдобро знае што мисли, што сака и што треба да прави актуелната власт. Наместо класична политичка дебата, јавноста доби уште еден настап во кој сарказмот служи како замена за прецизност, а претпоставките се претставуваат како факти.
Жерновски ги коментираше реакциите на ВМРО-ДПМНЕ за промените во СДСМ, оценувајќи дека очигледно владејачката партија очекува да ги предлага луѓето кои потоа би добиле позитивни оценки.
„Тоа се стандардни, веќе видени одговори на Мицкоски и на ВМРО. За да доживееме од нив поддршка на новите членови на СДСМ во Централниот одбор, очигледно треба да се случи едно нешто – да ги предложиме оние коишто работат за нив, оние коишто одработуваат за нив, и тие да ни го пратат списокот на членови коишто се подобни за ВМРО, ние да ги предложиме, нели, па потоа да бидат прифатени. Но, тоа нема да се случи, затоа што нам ни е јасна играта – кој стои позади сето ова и новите најави итн.“, изјави Жерновски.

Тој додаде дека станува збор за веќе познати позиции од страна на Христијан Мицкоски и власта, оценувајќи дека нивните реакции се предвидливи.
Во продолжение, Жерновски се осврна и на односите со Унгарија, посочувајќи дека Мицкоски треба да се консултира со својот пријател Виктор Орбан, од каде, според него, се добиваат јасни насоки.
„Нека објасни како тоа добивме во Македонија, првпат во историјата, претседател на партија којшто ги елиминира потпретседателите – тоа е класичен режим внатре во партијата, не само во државата“, изјави тој.
Жерновски отвори и прашања поврзани со финансиските односи, како и темата за Никола Груевски, потенцирајќи дека во пресрет на изборите во Унгарија ќе се види неговата улога и можноста за враќање во земјава.
„Имаме избори во Унгарија, така што ќе се види која е неговата улога и дали, на крајот на краиштата, ќе го доведат, затоа што се обврзани според законот Груевски да се врати дома“, рече Жерновски.
![]()

