СО „ПРАЗЕН“ ФРИЖИДЕР – МИЦКОСКИ НА ВРВОТ! А ЗАМИСЛЕТЕ ДА Е ПОЛН?

Во време кога граѓаните се соочуваат со реални економски притисоци и раст на цените, јавната комуникација на политичките партии бара јасност, доследност и кредибилитет. Наместо тоа, последната реторика на СДСМ околу т.н. „фрижидер анкета“ остава впечаток на несинхронизирана и контрадикторна пиар стратегија која ризикува да ја девалвира пораката што се обидува да ја испрати.

Од една страна, партијата укажува на растот на цените како клучен проблем, но од друга, начинот на кој тоа се комуницира – преку иронија, политички квалификации и обвинувања – создава впечаток на недоволна сериозност во пристапот.

„Толку лошо стои СДСМ што ВМРО-ДПМНЕ се занимава само со нас“, велат од партијата, посочувајќи дека се мета на континуирани напади, црна кампања и, како што тврдат, лажни анкети.

Во своето соопштение, СДСМ наведува дека цените на основните прехранбени производи секојдневно растат, а граѓаните сè потешко се справуваат со трошоците. Според нив, пиперките достигнуваат и до 300 денари за килограм, доматите се над 200 денари, зејтинот изнесува околу 118 денари, додека јајцата се продаваат по цена над 110 денари.

„Цените до плафон – рејтингот до плафон. Во маркетите – шок, а во фрижидерите на граѓаните – празнина“, велат од СДСМ.

Партијата ја засилува пораката со симболика поврзана со претстојниот Велигден, нагласувајќи дека токму празничната трпеза ќе биде „најголемата анкета“ за реалната состојба во државата.

„Нема поголема анкета од оваа. Нема поголема вистина за рејтингот од празната трпеза“, стои во нивното соопштение.

Истовремено, од СДСМ обвинуваат за координирана кампања против партијата, која, според нив, вклучува јавен линч, измислени афери, негативни медиумски објави и постојани политички напади.

Сепак, ваквиот начин на комуникација отвора сериозни дилеми околу ефективноста на нивната пиар стратегија. Комбинирањето на социјално чувствителни теми, како што се високите цени и животниот стандард, со саркастични и политички обоени пораки може да создаде спротивен ефект – наместо мобилизација на јавноста, да доведе до дополнителна скепса.

Особено проблематично е што пораките во исто време се обидуваат да бидат и критички и иронични, што ја разредува нивната тежина и ја прави комуникацијата помалку убедлива.

Во политички контекст каде довербата е клучна валута, ваквиот пристап може да биде повеќе штетен отколку корисен, оставајќи впечаток дека фокусот е ставен на реторика, наместо на конкретни решенија за проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

Loading