АЛАРМ ОД НАРОДНА БАНКА: ЌЕ УДРИ ЛИ ИНФЛАЦИЈАТА ПОВТОРНО?

Советот на Народната банка оцени дека економските движења во земјава засега се во согласност со очекувањата, но предупреди на зголемени ризици во наредниот период, особено поради глобалните геополитички случувања.

На редовната седница беа разгледани најновите макроекономски показатели, при што беше констатирано дека инфлацијата од почетокот на 2026 година има тренд на намалување. Во февруари, годишната стапка изнесува 2,9 проценти, што е во рамките на проекциите, со значително забавување кај базичната инфлација.

Сепак, неизвесноста поврзана со конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето со енергенси од земјите од Заливот создаваат дополнителен притисок врз цените. Особено се истакнува ризикот од пораст на цените на нафтата, што може да влијае врз увозните трошоци и да ја зголеми инфлацијата во наредниот период.

Во однос на надворешната позиција, девизните резерви бележат раст од почетокот на годината, што укажува на стабилност. Во банкарскиот сектор, растот на депозитите и кредитите е солиден и умерено ги надминува очекувањата за првиот квартал.

Советот заклучи дека моменталната макроекономска состојба е стабилна, но нагласи дека ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата, особено поради надворешните ризици кои можат да влијаат врз економијата.

Loading