Премиерот Христијан Мицкоски оствари официјална средба во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан, при што двете страни ја истакнаа потребата од унапредување на билатералните односи и продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Според официјалните информации од Владата, разговорите поминале во конструктивна атмосфера, со фокус на економската соработка, привлекување странски инвестиции, зголемување на трговската размена и реализација на заеднички инфраструктурни и енергетски проекти. Двајцата премиери се согласиле дека во време на глобални предизвици, стабилните партнерства се клучен фактор за развој и сигурност.
Во разговорите било потенцирано и значењето на поддршката што Северна Македонија ја добива од Унгарија во однос на европската интеграција. Притоа, било нагласено дека евроинтегративниот процес треба да се темели на јасни критериуми, принципи и вреднување според заслуги.
Она што привлекува внимание е новата реторика за „стратешко партнерство“, термин кој досега не беше вообичаено користен од актуелната влада во контекст на односите со Унгарија. Дополнително, премиерот Мицкоски ја истакнал и „вредносната димензија“ на односите меѓу двете држави, посочувајќи дека заедничките вредности како семејството, традицијата и националниот идентитет се темел на стабилни општества.

Овој дел од изјавата може да се толкува и како референца на идеолошката блискост меѓу двете влади, кои се позиционираат во конзервативниот политички спектар.
Во рамки на посетата, Мицкоски се обрати и на настан организиран од „Колегиумот Матијас Корвинус“, каде зборуваше за значењето на силните институции, јасните политики и заштитата на националните интереси како предуслов за развој.
Во своето обраќање, тој упати и пофалби за унгарскиот премиер Орбан, оценувајќи дека Унгарија е пример за држава која преку цврсто лидерство и јасна визија успева да постигне економска стабилност и да го зачува националниот идентитет. Според него, Орбан претставува лидер кој носи одлуки во интерес на својата држава и има значајна улога во регионалната и европската стабилност.
![]()

