Домот на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто официјално ќе биде ставен во функција со свечен настан на кој ќе присуствува премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за значаен проект во рамки на Општина Гази Баба, кој има за цел да го унапреди културниот живот и општествената активност во овој дел од градот.
Реконструкцијата на објектот започна во февруари минатата година и резултираше со современ простор кој се простира на околу 1.000 квадратни метри. За реализацијата се издвоени 84.240.000 денари од буџетот на Владата, а објектот е изграден согласно современи европски стандарди, со акцент на енергетска ефикасност и целосна пристапност за сите категории граѓани.

Новото културно средиште е функционално организирано на три нивоа. Во подрумскиот дел се сместени технички простории, гардероби и придружни содржини. Приземјето нуди простор за прием на посетители со фоаје, билетарница, галериски дел, гледалиште и сцена, како и административни канцеларии. На катот се наоѓа библиотека, просторија за проекции и дополнителни канцелариски простории, со обезбедени услови за лица со посебни потреби.
Со отворањето, Домот на културата „11 Октомври“ се очекува да стане централно место за културни настани, едукација и заеднички активности, придонесувајќи за развојот на локалната заедница и збогатување на културната понуда во Ченто и пошироко.
![]()

