СДСМ ПРАШУВА ГЛАСНО: ДАЛИ ЗАД ТИШИНАТА СЕ КРИЕ НОВ ПЛАН ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ПРАВДАТА?

Постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија сè уште е во фаза на прибирање документација, додека политичките реакции во земјава се засилуваат.

Од опозициската СДСМ предупредуваат дека одолговлекувањето може да отвори простор за ново можно заминување на Груевски во трети држави, споменувајќи ги Русија и Белорусија како потенцијални дестинации.

Воедно, од партијата го поставуваат и прашањето за улогата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, посочувајќи дека институцијата претседател располага со механизам за помилување. Според нив, не смее да се дозволи повторување на практики од минатото поврзани со одлуки на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.

Опозицијата дополнително укажува дека во регионот веќе има примери на побрза реакција во слични случаи, и дека домашните институции треба поефикасно да постапуваат во однос на екстрадициските процедури.

Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла ваквите обвинувања како политички мотивирани, оценувајќи дека станува збор за обид за дефокус од внатрешните состојби во опозицијата. Оттаму додаваат дека наместо обвинувања, СДСМ треба да се осврне на сопственото функционирање и односите во партијата.

Надлежните институции, пак, информираат дека процесот е во тек и дека се работи на комплетирање на потребната документација, по што ќе следи формално поднесување на барањето за екстрадиција до унгарските власти.

Loading