ВИСОКИ ПЛАТИ, НИСКИ РЕЗУЛТАТИ? МИЦКОСКИ: БЕЗ ТРУД – НЕМА ПАРИ!

Во време кога од сите се бара поголема одговорност и конкретни резултати, сè поактуелно станува прашањето – дали е прифатливо некој да работи минимално, а да очекува високи примања? Концептот „еден ден работа, а целосна плата“ сè повеќе се посочува како пример за нефункционалност во системот. Токму на оваа појава се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека ваквиот пристап е недозволив, особено во високото образование.

Премиерот беше дециден дека нема да има нови отстапки во предложениот Закон за високо образование, нагласувајќи дека високите професорски плати мора да бидат резултат на реален ангажман и научна продуктивност.

„Не може некој да работи симболично, а да очекува плата од 120.000 или 150.000 денари без да објави научни трудови. Ако сакаме напредок како држава, секој мора да вложи труд и да даде резултати“, истакна Мицкоски.

Тој направи споредба со својата функција, потенцирајќи дека би било апсурдно премиер да доаѓа на работа само еден ден во неделата, а притоа да бара поголема плата и да не сноси одговорност за состојбите во државата.

Во однос на новото законско решение, Мицкоски информираше дека предлогот веќе ја поминал јавната расправа и дека во финалната верзија се вградени забелешките од академската заедница. Според него, ректорите на државните универзитети ја поддржале законската рамка, што значи дека процесот е практично заокружен.

И покрај одредени реакции во јавноста, премиерот ги оцени критиките како политички мотивирани и неосновани, додавајќи дека се создава погрешна слика за наводно намалување на универзитетската автономија.

Новите законски измени предвидуваат построги критериуми за избор во академски звања – доцент, вонреден и редовен професор – при што научно-истражувачката работа и објавувањето трудови ќе имаат клучна улога во напредувањето и утврдувањето на платите.

Loading