Прашањето за екстрадиција на Никола Груевски повторно се најде во центарот на политичките тензии, откако СДСМ објави дека располага со информации според кои поранешниот премиер поседува унгарски и српски пасош.
Од опозициската партија наведуваат дека ваквиот развој на настаните отвора сериозни дилеми за тоа кој стои зад Груевски и дали постои организирана политичка поддршка што му овозможува да остане надвор од дофат на македонските институции. Во нивната реакција директно се посочуваат Виктор Орбан и Александар Вучиќ како потенцијални сојузници.
Воедно, СДСМ упатува критики и кон актуелната власт предводена од Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја дека не презема конкретни чекори за враќање на Груевски во земјата. Според нив, недостигот од ново барање за екстрадиција остава простор ситуацијата да остане статус кво.
Дополнително, од партијата посочуваат дека во слични случаи други европски држави реагирале побрзо и поодлучно, нагласувајќи дека ова прашање не е само правно, туку и политичко. Според нивната оценка, односот на владата претставува индикатор за нејзината подготвеност да се справи со минатото и со одговорноста на поранешните функционери.
СДСМ заклучува дека актуелната власт нема вистинска намера да го врати Груевски во земјата, туку, напротив, индиректно придонесува за негово одолговлекување на соочувањето со правдата.
![]()

