Во општество што сè уште ги лекува раните од конфликтите од минатото, прашањето не е само како се сеќаваме, туку и дали имаме право да ги менуваме фактите. Последните реакции околу спомен-плочата во касарната „Илинден“ повторно ја отворија токму оваа дилема: дали историјата треба да се прилагодува на денешните политички чувствителности, или да остане сведоштво за времето во кое се случила.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, побара да се отстрани формулацијата „албански терористи“ од спомен-плочата посветена на загинатите припадници на безбедносните сили кај Вејце во 2001 година. Според него, ваквиот речник е навредлив и дискриминаторски, особено имајќи предвид дека станува збор за обележје поставено во државна институција во мултиетничка држава.
Таравари истакна дека борците на УЧК не треба да се третираат како терористи, туку како борци за слобода, додавајќи дека натписот претставува говор на омраза кој ги навредува Албанците и е спротивен на духот на Охридскиот рамковен договор.

Реакциите дојдоа откако министерот за одбрана, Владо Мисајловски, положи цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Илинден“, оддавајќи почит на загинатите припадници на армијата и полицијата.
„Со длабока почит се потсетуваме на хероите кои го дадоа највредното за Македонија“, напиша Мисајловски, нагласувајќи ја жртвата на осумтемина припадници на безбедносните сили кои беа убиени кај Вејце на 28 април 2001 година.
Тогаш животите ги загубија Роберт Петковски, Игор Костески, Миле Јаневски, Бобан Трајковски, Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Бошко Најдовски и Кире Костадиновски.
Историјата не е прашање на вкус
Иако е разбирливо дека различни заедници имаат различни перспективи за настаните од 2001 година, прашањето што се наметнува е дали тие перспективи можат да ја заменат историската фактографија. Спомен-плочите не се политички изјави на сегашноста, туку сведоштва за тоа како државата ги перципирала настаните во моментот кога тие се случиле.
Менувањето на терминологијата од минатото може да изгледа како чекор кон помирување, но истовремено носи ризик од релативизирање на фактите и бришење на контекстот во кој тие настани се случиле. Историјата не може да се менува според дневно-политички потреби – таа може да се анализира, да се преиспитува, но не и да се препишува.
Почитта кон жртвите треба да биде над политиката, а јавниот дијалог – заснован на факти, а не на селективни интерпретации.
![]()

