Во моменти кога јавноста очекува отчетност и транспарентност за трошењето на државните пари, ДУИ повторно се наоѓа во центарот на сериозни обвинувања. Наместо да понуди јасни објаснувања за договорите и финансиските текови поврзани со интерконекцијата со Албанија, партијата избира конфронтација и политичка реторика. Ваквиот пристап е обид да се избегне суштинската одговорност и да се заштитат интереси кои одамна се под лупа на јавноста.
Коалицијата ВЛЕН обвинува дека зад проектот за интерконекција стојат сомнителни практики и финансиски злоупотреби. Според нив, постојат индиции дека преку фиктивни договори и неисполнети обврски се извлекувале средства од буџетот, кои завршувале кај фирми поврзани со структури блиски до Али Ахмети и Бујар Османи.
Од ВЛЕН нагласуваат дека не прифаќаат нови финансиски обврски, особено анекси вредни над осум милиони евра, за кои сметаат дека не носат јавен интерес, туку отвораат простор за дополнителни сомнежи за злоупотреба на средства.

Воедно, тие ја отфрлаат тезата на ДУИ дека постапката пред ДАБ претставува конечна пресуда. Според коалицијата, станува збор за предарбитражен процес кој не е правосилен и во кој државата има право да ги искористи сите правни механизми за заштита на своите интереси.
Реакцијата доаѓа откако ДУИ побара отворање истрага против директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, по одлука од меѓународна арбитража со која државата треба да исплати отштета од шест милиони евра.
Од ДУИ претходно обвинија дека Љатифи ја раскинал соработката со Енергоинвест од Сараево и склучил договор со ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ од Бања Лука. Според нив, оваа компанија има поврзаност со деловни кругови блиски до Милорад Додик.
Сепак, од ВЛЕН оценуваат дека ваквите обвинувања се обид за дефокусирање на јавноста од суштинските прашања – како се склучувале договорите, кој имал корист и дали јавните средства биле трошени во интерес на граѓаните или за приватни цели.
![]()

