НА ГРУЕВСКИ НЕ МУ Е ЈАСНО КОЈ Е НА ВЛАСТ ВО МАКЕДОНИЈА

Никола Груевски изрази сомнеж околу тоа кој навистина ја води државата, поставувајќи дилема дали актуелната власт предводена од Христијан Мицкоски има целосна контрола или, како што сугерира, сè уште се чувствува влијанието на поранешниот премиер Зоран Заев. Во својата реакција, Груевски оценува дека одредени политики и постапки создаваат впечаток дека промената на власта не донела суштински прекин со практиките од минатото.

Поранешниот премиер Никола Груевски на социјалните мрежи, во негов стил упати остри критики кон актуелниот министер за правда, обвинувајќи го за селективен пристап и игнорирање на, како што тврди, сериозни злоупотреби во правосудниот систем од претходната власт предводена од Зоран Заев и СДСМ.

Во својата реакција, Груевски изразува сомнеж дека навистина има промена на власта, посочувајќи дека методите и пристапот кон правдата останале исти. Посебно го критикува министерот за, како што наведува, фокусирање на постапки против него, наместо истражување на наводни политички монтирани случаи од минатото.

Тој повикува да се испитаат наводите за притисоци врз судии, обвинители, сведоци и адвокати, како и за, како што тврди, координирани активности од политички центри на моќ во креирање судски предмети. Според Груевски, постоеле списоци за тоа кој треба да биде гонет, а кој да сведочи, при што биле користени закани и уцени.

Во реакцијата се наведуваат и конкретни судски предмети за кои тврди дека биле базирани на „лажни претпоставки“, вклучително и случаи поврзани со набавки, недвижности и наводно насилство. Дополнително, се посочува дека во одредени постапки не биле прифатени предложени сведоци од одбраната.

Груевски исто така повикува министерот да ги разгледа сведочењата и јавните настапи на поранешни обвинители и судии, меѓу кои и Лејла Кадриу, кои, според него, укажувале на политичко влијание врз работата на СЈО.

Според неговите ставови, меѓународната јавност има ограничен увид во овие случаи и ги темели своите оценки врз постоечките пресуди, без да ги знае околностите под кои тие биле донесени. Тој изразува уверување дека во иднина овие прашања ќе бидат разгледани и од страна на Европската унија.

На крај, Груевски упатува апел до министерот за правда да постапува професионално, да ги разгледа сите аспекти на случаите и да донесува одлуки врз основа на закон и лична совест.

Loading