ФИЛИПЧЕ: НЕМА ЗАГРОЗЕН ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ – СЕ КРЕИРА ВЕШТАЧКА КРИЗА

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека прашањето за македонскиот јазик и идентитет не е реално загрозено, туку намерно се користи за политички цели. Во обраќање по повод Денот на македонскиот јазик, тој нагласи дека меѓународното признавање на јазикот е веќе јасно потврдено.

Според него, договорот со Фронтекс од 2022 година претставува значаен доказ, бидејќи е првиот документ во рамки на Европската Унија потпишан на чист македонски јазик, без дополнителни објаснувања или фусноти. Дополнително, посочи дека јазикот е признат и во рамки на Обединети нации уште во 1977 година, како и во преговарачката рамка со ЕУ.

Филипче истакна дека Преспанскиот договор јасно го дефинира македонскиот јазик како дел од јужнословенската група, што, според него, дополнително го потврдува неговиот статус на меѓународно ниво.

Во своето обраќање, тој го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со вакви теми создава непотребна вознемиреност кај граѓаните. Според Филипче, ваквиот пристап служи како замена за конкретни резултати во реформите и економските политики.

Тој додаде дека наместо решавање на актуелните проблеми, како што се новите мерки на Европската Унија кои влијаат врз патувањата, Владата се фокусира на реторика што, како што рече, создава поделби и одвлекува внимание од суштинските прашања.

Во однос на односите со Бугарија, Филипче предупреди дека се создава вештачка тензија која може да го забави европскиот пат на државата. Тој смета дека внесувањето на малцинствата во Уставот не е билатерално, туку европско прашање, поврзано со стандардите за човекови права.

„Идентитетот не зависи од туѓи ставови, туку од тоа како самите се чувствуваме,“ порача Филипче, повикувајќи на фокус кон иднината и европските интеграции, наместо на историски дебати.

Loading