СДСМ ПРВИ „НАСЕДНАА“ НА ИЗЈАВАТА ЗА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ: ВЕДНАШ ПОЧНАА СО ОБВИНУВАЊА КОН МИЦКОСКИ

Уште пред воопшто да стане јасно дали изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за можни избори е политичка порака или реална најава, СДСМ веќе реагираше со обвинувања и сценарија за „страв од истраги“ и „пад на криминални мрежи“. Наместо внимателна политичка анализа, опозициската партија прва се впушти во толкување дека зад реториката за избори стои паника во власта. Со тоа, СДСМ практично покажа дека најмногу се вознемири токму од можноста за ново соочување со граѓаните на избори.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагираше на најавите за можни предвремени парламентарни избори, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека зад ваквите потези стои страв од политички и правни последици по случувањата во Унгарија и падот на Виктор Орбан.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, изјави дека политичките промени во Будимпешта ќе значат отворање на истраги поврзани со сомнителни тендери, медиумски влијанија и енергетски бизниси во регионот. Според него, тие процеси би можеле да се одразат и врз политички структури во Македонија.

Тој оцени дека владејачката партија започнува подготовки за избори во момент кога, како што рече, се намалува поддршката и се појавуваат внатрешни проблеми во коалицијата.

Од СДСМ ја критикуваа и економската политика на Владата, тврдејќи дека голем дел од ветувањата дадени пред граѓаните не се реализирани. Според партијата, нема значително зголемување на платите, ниту конкретни мерки за подобрување на животниот стандард, додека бројот на вработени во индустријата опаѓа.

Димитријевиќ посочи дека власта создава нови задолжувања и ја води државата кон финансиска неизвесност. Воедно, тој обвини дека намерно се отвораат политички тензии со Бугарија со цел вниманието да се тргне од домашните проблеми.

„Граѓаните не живеат подобро од патриотски пораки и политички конфликти. Потребни се конкретни резултати, повисоки приходи и европска перспектива“, порача Димитријевиќ.

Од опозициската партија најавија дека се подготвени повторно да преземат одговорност за управување со државата и најавија, како што велат, период на „вистина и правда“.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски вчера возврати на критиките упатени од СДСМ и лидерот Венко Филипче, обвинувајќи ја опозицијата дека не ги брани националните интереси. Тој изрази уверување дека евентуалните избори ќе донесат дополнителна поддршка за актуелната влада и ќе значат политичка маргинализација на СДСМ.

Loading