Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова испрати пораки кои се разликуваат од политичките наративи што со години доминираа во јавноста, особено кога станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски. Иако во дел од јавноста повторно се отвора темата за наводен политички прогон, претседателката не застана зад таквите тези, туку потенцираше дека пресудите мора да важат за сите и дека институциите се должни да постапуваат согласно законите.
Во гостување на МРТВ по повод две години од нејзиниот мандат, Сиљановска-Давкова оцени дека вистински реформи во судството се можни само преку целосна департизација и деполитизација на системот. Според неа, проблемот не е само во законите, туку и во кадровските решенија и начинот на функционирање на институциите.
Таа посочи дека во правосудството често не се наоѓаат најдобрите правници, а токму изборот на компетентни и независни луѓе е предуслов за воспоставување правна држава.
– Кога правите луѓе ќе бидат на правите места, системот ќе функционира. Проблемот е системски, но новата регулатива остава простор за создавање поинаков систем, истакна претседателката.
Сиљановска-Давкова упати сериозни критики и кон Судскиот совет, оценувајќи дека неговите извештаи се површни и без суштински анализи. Според неа, дисциплинските постапки се образложуваат со минорни примери, а работата на Советот не ја следи динамиката што ја бара состојбата во правосудството.

Во однос на случајот со ТЕЦ „Неготино“, претседателката призна дека била изненадена од одлуката на Обвинителството да ја запре постапката. Сепак, нагласи дека не сака да навлегува во одлуките на независната судска власт, но очекува да се преиспита дали обвинителството постапило правилно.
– Ако е потребна корекција, очекувам процесот да продолжи. Не можам однапред да кажам дали некој постапил незаконски, но јавноста мора да добие одговори, рече таа.
Во врска со случајот на Груевски, Сиљановска-Давкова подвлече дека државата не смее да ја прифати „филозофијата на несанкционирање“, додавајќи дека сите пресуди и закони мора да важат подеднакво за сите граѓани, без разлика на политичката функција или статус.
– Не можам да ги коментирам тврдењата за политички прогон. Само судот може да утврди дали некој е невин или виновен. Но, кога постои пресуда, институциите се должни да постапуваат според законот, нагласи претседателката.
Таа се осврна и на работата на Уставниот суд, за кој смета дека покажува одреден исчекор, но и натаму останува ограничен од постојните уставни решенија. Според неа, државата нема доволно јасни критериуми за избор на уставни судии, а неопходни се и уставни измени што ќе овозможат посилна и поактивна улога на Судот.
![]()

