Опозициската СДСМ денеска изнесе сериозни обвинувања за, како што велат, организирана операција поврзана со медиумскиот простор во Македонија и финансиско реструктуирање околу Алфа ТВ.
На прес-конференција, портпаролката на партијата Богданка Кузеска изјави дека според информации доставени од свиркачи, во тек бил процес за обезбедување нови извори на финансирање и реорганизација на телевизијата, по модел кој, според неа, наликува на практики веќе видени во Србија. Кузеска посочи дека наводно целиот процес бил координиран од високи владини претставници, а како дел од планот се споменува и улогата на Алта банка, која неодамна ја презеде Стопанска банка Битола.

Според СДСМ, постојат информации дека преку новоформирани компании во Македонија би се преземале концесијата, студијата и техничката опрема на Алфа ТВ. Од партијата тврдат дека телевизијата се соочува со финансиски проблеми, блокирана сметка и долгови, поради што се отвора можност за целосно преструктуирање. Во изјавата беше споменато и името на Ивона Талевска, за која СДСМ тврди дека добила координациска улога поврзана со регионалното претставништво на Еуроњуз во Србија.
Дополнително, од опозициската партија наведуваат дека паралелно се работи и на формирање маркетинг агенција која формално би обезбедувала ПР и маркетинг услуги за банката, а неофицијално би служела како канал за финансирање медиумски содржини, аналитичари и јавни личности блиски до власта. Од СДСМ побараа институциите да ги истражат сите наводи и да утврдат дали постои незаконско политичко и финансиско влијание врз медиумскиот сектор во земјава.
![]()

