Додека јавноста со години слуша приказни за милионски тендери, сомнителни договори и „магично“ исчезнати пари во енергетскиот сектор, конечно стигнавме до моментот кога ДКСК реши да покаже заби – за апанажите. Откако низ институциите поминаа суми од кои обичниот граѓанин може само да добие вртоглавица, сега на ред дошле 12 плати исплатени на поранешни функционери. Очигледно, кога ќе се испокрадат милиони, никому ништо, ама ако некој земал апанажа – тогаш алармите се палат. Добредојдовте во македонската борба против корупцијата, каде ситното станува крупно, а крупното редовно завршува во фиока.
ДКСК поднесе кривична пријава против поранешни функционери во ТЕЦ Неготино
Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на Управниот и Надзорниот одбор на ТЕЦ Неготино, поради сомнежи за незаконско користење финансиски бенефиции и задржување на работните позиции.
Според информациите од Антикорупциската комисија, лицата кои биле дел од раководните структури во ТЕЦ Неготино истовремено извршувале и директорски функции во претпријатието. По спојувањето на АД ТЕЦ Неготино со АД ЕСМ Скопје, тие продолжиле да бидат вработени во компанијата, иако им престанале функциите во управните органи.

Од ДКСК посочуваат дека поранешните функционери добиле исплата на апанажа врз основа на менаџерски договори, во висина од 12 месечни плати, што според Комисијата претставува незаконско стекнување финансиска корист.
Членот на ДКСК, Сервет Демири, изјави дека предметот бил разгледуван по утврдени неправилности поврзани со статусните промени во компанијата и начинот на кој биле исплаќани средствата.
Антикорупциската комисија очекува Јавното обвинителство да постапи по пријавата и да утврди дали постои кривична одговорност кај поранешните членови на управните тела во ТЕЦ Неготино.
![]()

