Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека ќе присуствува на Самитот ЕУ–Западен Балкан што ќе се одржи на 4 и 5 јуни во Тиват, каде, како што посочи, се очекува да бидат презентирани нови иницијативи и концепти поврзани со европската интеграција на регионот.
Осврнувајќи се на најавите од германскиот канцелар Фридрих Мерц за можен нов пристап кон проширувањето на Европската унија и постепеното вклучување на земјите од Западен Балкан, како и на Молдавија и Украина, Мицкоски истакна дека засега станува збор за идеи кои сè уште не се официјализирани.
Според него, ваквите предлози биле навестени уште во рамките на Берлинскиот процес, но конкретните детали допрва треба да бидат претставени. Премиерот нагласи дека македонската делегација со интерес ќе ги следи дискусиите во Тиват, по што ќе може подетално да ги анализира и коментира можните решенија и насоки.

Во пресрет на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Мицкоски оцени дека досегашната комуникација со европските претставници била конструктивна. Тој изрази очекување дека претстојните средби ќе отворат простор за размена на идеи околу надминување на пречките кои го забавуваат европскиот пат на земјата.
Премиерот повтори дека позициите на Владата остануваат непроменети и дека не постои можност за компромиси кога станува збор за македонскиот национален идентитет. Тој потенцираше дека државата во изминатите години направила бројни чекори во насока на евроинтеграциите, без притоа да добие очекуван напредок во процесот на пристапување кон Унијата.
Мицкоски оцени дека актуелните предизвици се последица на одлуки донесени во минатото и порача дека Владата ќе работи на изнаоѓање решенија кои ќе обезбедат напредок, но без нови отстапки што би можеле да ги засегнат националните интереси. Според него, Македонија заслужува јасна европска перспектива и предвидлив процес на преговори со конкретен исход.
![]()

