Со свечена академија во Нови Сад беше одбележан значајниот јубилеј – 80 години од населувањето на Македонците во Војводина. Настанот собра бројни претставници на македонската заедница, политички гости од двете земји и високи државни делегации.Пред преполната сала, македонскиот премиер Христијан Мицкоски испрати порака за значењето на зачувувањето на националниот идентитет, културата и јазикот, нагласувајќи дека народот кој ги негува своите корени никогаш не го губи чувството на припадност.
„Идентитетот не се брани само со зборови, туку со секојдневен живот, со љубов кон традицијата и со пренесување на вредностите на идните генерации. Македонците, без разлика каде живеат, остануваат дел од едно заедничко духовно и културно семејство кое трае низ времето“, истакна Мицкоски.Тој порача дека од Нови Сад треба да се испрати порака на почит, пријателство и заедништво, додавајќи дека иднината на регионот мора да се гради врз соработка и меѓусебно разбирање, а не врз поделби.Во своето обраќање, премиерот посебно им се обрати на младите Македонци кои живеат во Србија, повикувајќи ги да го негуваат македонскиот јазик, традицијата и културното наследство.
Според него, Војводина претставува пример како различните народи можат да живеат заедно, задржувајќи ги своите особености и истовремено градејќи заедничко општество засновано врз почит и разбирање.
Мицкоски истакна дека Македонците и Србите ги поврзуваат многу повеќе од географијата и историјата. Како заеднички вредности ги посочи почитта кон семејството, стремежот кон слобода и меѓусебното уважување.Осврнувајќи се на состојбите во регионот, тој порача дека Балканот познава и примери каде малцинските права сè уште се оспоруваат, нагласувајќи дека вистинскиот напредок се мери преку почитувањето на човековите права и културните различности.

На свеченоста говореше и српскиот премиер Ѓуро Мацут, кој оцени дека осумдецениското присуство на Македонците во Војводина претставува пример за успешен соживот и меѓусебно почитување.Тој истакна дека врските меѓу македонскиот и српскиот народ се повеќе од политички и дипломатски односи, нарекувајќи ги семејни и традиционално блиски.
„Уверен сум дека секој Македонец во Србија се чувствува како дома. Нашите народи повеќепати покажале дека знаат да си помагаат во важни историски моменти и да градат партнерство засновано на доверба“, рече Мацут.
Поддршка за македонската заедница изрази и претседателката на Владата на Војводина, Маја Гојковиќ. Таа нагласи дека јубилејот претставува можност да им се оддаде признание на генерациите Македонци кои по Втората светска војна изградиле нов живот во Војводина, притоа зачувувајќи ги својот јазик, култура и традиции.Пред почетокот на академијата, Мицкоски и Мацут одржаа билатерална средба на која разговараа за унапредување на економската соработка, институционалните врски и регионалната стабилност.
По средбата, македонскиот премиер соопшти дека двете страни ја потврдиле определбата за натамошно развивање на добрососедските односи и заедничка работа во интерес на граѓаните на двете држави.
![]()

