Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати повик до членовите, симпатизерите, поддржувачите на партијата, но и до сите граѓани, да присуствуваат на големиот народен собир што ќе се одржи во среда, 17 јуни, во 20:00 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица.
Собирот се организира по повод 36 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, партија која, според Мицкоски, низ изминатите децении била симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија.
Во видео порака објавена на неговиот профил на Фејсбук, Мицкоски нагласи дека идејата создадена пред 36 години ги обединила сите оние кои верувале дека Македонија има право на сопствен пат, сопствен глас и сопствена иднина.
„Пред 36 години беше создадена идеја која стана симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија. Денес, 36 години подоцна, го одбележуваме патот што заедно го изодевме, предизвиците што ги надминавме и победите што ги остваривме како народ“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека низ годините имало бројни тешки моменти, искушенија и периоди во кои, како што рече, требало да се брани државата, да се зачуваат националните интереси и да се покаже карактер, истрајност и верба во Македонија.
Според Мицкоски, силата секогаш доаѓала од народот – од граѓаните кои верувале во државата и не се откажале од неа ниту во најтешките моменти.
Премиерот додаде дека денес фокусот е насочен кон иднината, развојот, економскиот раст, новите инвестиции, подобрите плати, модерната инфраструктура, како и кон подобрување на образованието, здравството и институциите кои треба да бидат во служба на граѓаните.
„Ги повикувам сите членови, симпатизери, поддржувачи и сите граѓани кои веруваат во напредокот, во работата и во љубовта кон татковината, да ни се придружат на големиот народен собир. На 17 јуни, во 20:00 часот, на стадионот ‘Младост’ во Струмица, заеднички да покажеме дека Македонија има сила, има енергија и има народ кој верува во својата иднина“, порача Мицкоски.
Настанот во Струмица се очекува да биде централно одбележување на 36-годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
![]()

