10 МИЛИЈАРДИ ЗА НОВА МАКЕДОНИЈА: ВЛАДАТА НАЈАВУВА ИНФРАСТРУКТУРЕН УДАР ШТО ТРЕБА ДА ЈА ЗАБРЗА ДРЖАВАТА

Владата планира силен инвестициски циклус во инфраструктурата, со кој во следните десет години во патната и железничката мрежа би се вложиле до 10 милијарди евра. Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ваквиот пристап покажува јасна разлика во однос на претходната власт и дека државата влегува во период на забрзан развој.

Според партијата, само годинава капиталните инвестиции достигнале 1,255 милијарди евра, што го претставуваат како рекордно ниво во поновата историја. Оттаму посочуваат дека средствата се насочуваат кон проекти кои, како што велат, директно треба да го подобрат секојдневието на граѓаните и економската поврзаност на државата.

Во фокусот на најавите се и шест нови автопатски делници, за кои ВМРО-ДПМНЕ тврди дека треба да бидат завршени до крајот на 2027 година. Партијата наведува дека паралелно се работи и на изградба и реконструкција на градинки, училишта, здравствени установи, спортски сали и локална патна инфраструктура.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека, покрај инфраструктурните проекти, Владата спроведува и мерки насочени кон младите, студентите, земјоделците и претприемачите. Како дел од тие политики ги наведуваат 55.000 ваучери за електронски уреди во вредност од 250 евра, поддршката од 10.000 евра за отпочнување сопствен бизнис преку Оперативниот план, како и финансиската помош за млади земјоделци.

Партијата дополнително посочува дека е проширен опсегот на субвенционираниот студентски оброк, што според нив претставува конкретна поддршка за младите да останат и да ја градат својата иднина во Македонија.

Во соопштението се наведува и дека во изминатиот период биле зголемени платите и пензиите, а економијата седум квартали по ред бележела раст над 3 проценти. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Владата истовремено реализира нови проекти и ги сервисира наследените обврски, кои, според партијата, изнесуваат над 2 милијарди евра годишно.

„Македонија не стои во место, туку се движи напред“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Владата покажала дека може да работи на економски развој, инфраструктура и заштита на националните интереси.

Loading