Првичната рунда разговори околу најавената реконструкција на Владата е завршена, а во наредните денови се очекуваат финалните консултации меѓу коалициските партнери. Токму на тие средби треба да се разгледаат последните предлози и да се дефинираат конечните кадровски решенија и позиции.
Од Владата велат дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера и дека биле потврдени принципите што премиерот Христијан Мицкоски ги најави на партиската прослава во Струмица. Во фокусот, како што посочуваат, остануваат одговорноста, резултатите, достапноста до граѓаните, ефикасноста во работењето и поголемата функционалност на институциите.
Според владините оценки, реконструкцијата не треба да се толкува како процес воден од лични или теснопартиски интереси, туку како чекор кон зајакнување на институционалниот капацитет и побрза реализација на владината програма. Целта, како што наведуваат од Владата, е да се обезбеди посилен политички и административен ритам во периодот што следува.

Опозицијата, пак, не очекува суштински промени. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека најавената реконструкција ќе се сведе на козметички кадровски поместувања, без реален ефект врз животот на граѓаните и без видливи резултати во клучните области.
Од „Бихаќка“ испратија и порака дека опозицијата нема намера да биде алиби за евентуални предвремени парламентарни избори. Според нив, избори ќе има тогаш кога власта ќе се соочи со сериозни проблеми во Буџетот и кога, како што велат, ќе снема простор за покривање на економските слабости.
Темата за предвремени избори и претходно неколкупати ја отвораше премиерот Мицкоски. Тој во повеќе наврати порача дека редовниот изборен термин е во 2028 година, но и дека владејачкото мнозинство е подготвено за изборно соочување доколку такво нешто биде побарано.
Со тоа, реконструкцијата останува во центарот на политичкото внимание, а наредните денови ќе покажат дали станува збор само за кадровско освежување или за поширок обид Владата да влезе во нова фаза на работа.
![]()

