ТОШКОВСКИ НА УДАР, ЛЕВИЦА ВО ЗАНЕС: ЌЕ ИМА ЛИ ДОКАЗИ ИЛИ САМО ДРАМАТИКА?

Левица повторно ја облекува омилената политичка униформа – онаа на најгласен обвинител во државата, секогаш подготвена да открие „скандал“, да препознае „режим“ и да прогласи „партизација“, особено кога камерите се вклучени, а собраниската говорница е слободна.

Партијата која со години се претставува како единствен морален коректор на политичката сцена, овојпат нишанот го насочи кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Интерпелацијата, секако, е уставно и демократско право. Но, кај Левица тоа право сè почесто личи на политички перформанс – повеќе сцена за идеолошко саморекламирање, отколку сериозен институционален обид за утврдување одговорност.

Во нивниот препознатлив стил, сè е „приватна партиска полиција“, сè е „селективна правда“, сè е „системски распад“. Само едно нешто никогаш не е под знак прашање – сопствената непогрешливост. Затоа и оваа интерпелација не доаѓа само како собраниски инструмент, туку и како уште една епизода од политичкиот театар во кој Левица сака да биде и обвинител, и судија, и револуционерна публика во исто време.

Но, зад гласните квалификации и драматичните формулации, останува прашањето: дали ова е сериозна расправа за работата на МВР или уште еден обид Собранието да се претвори во сцена за партиска претстава?

Работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски следната недела ќе се најде пред пратениците, откако интерпелацијата поднесена од Левица е ставена на дневниот ред на пленарната седница закажана за 24 јуни.

Информацијата ја соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој посочи дека пратениците ќе расправаат за наводите изнесени во интерпелацијата, доставена до законодавниот дом уште во мај годинава.

Од Левица го обвинуваат Тошковски за, како што наведуваат, саботирање на истраги, селективно постапување, непрофесионално функционирање на полицијата и судир на интереси. Партијата претходно оцени дека Министерството за внатрешни работи функционира како „приватна партиска полиција“, формулација која веќе стана дел од нивниот стандарден политички речник.

Собраниската расправа за интерпелацијата доаѓа во период на засилена политичка динамика. Само еден ден подоцна треба да се одржат и редовните пратенички прашања, на кои премиерот и членовите на Владата ќе одговараат пред пратениците.

Во меѓувреме, во Собранието се очекува да пристигне и предлогот за ребаланс на Буџетот за 2026 година, кој претходно треба да биде разгледан на владина седница. Со тоа, законодавниот дом влегува во недела во која ќе се испреплетат повеќе крупни политички теми — интерпелација, буџетски корекции, пратенички прашања и можни кадровски промени во Владата.

Гаши се осврна и на најавената владина реконструкција, нагласувајќи дека Собранието не може да постапува додека Владата официјално не достави предлог за промени во владиниот кабинет.

„Без да имаме предлог за промена во владиниот Кабинет, ние не можеме ништо да прејудицираме. Зависи од тоа дали ќе има нов предлог и кога ќе биде доставен“, изјави Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денеска посочи дека разговорите со коалициските партнери околу реконструкцијата на Владата се во завршна фаза и дека во текот на претстојниот викенд се очекува формализирање на целиот процес.

Така, интерпелацијата за Тошковски станува само еден дел од пошироката политичка слика. Собранието следната недела ќе биде арена во која опозицијата ќе се обиде да отвори фронт против МВР, власта ќе ја брани својата позиција, а јавноста ќе види дали расправата ќе понуди суштински аргументи или само уште една гласна политичка претстава.

Loading