Не стивнуваат провокациите од Бугарија кон македонската политичка сцена. Низ годините, темата за „бугарски пасоши“ и наводни бугарски државјанства се користеше како политичка алатка за прозивки, притисок и јавна дискредитација на повеќе македонски политичари и функционери. Овојпат, на таа листа се најде генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Бугарската „Фондација Македонија“ објави серија тврдења за генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, наведувајќи дека тој наводно поседувал бугарско државјанство и бил поврзан со фирма во Бугарија. Од фондацијата најавија и таканаречена „национална карта“ на бизниси во Бугарија, за кои тврдат дека се поврзани со кругот на премиерот Христијан Мицкоски.
Во објавата, фондацијата наведува: https://www.facebook.com/share/p/1HZrToFQGV/
„Очекувајте национална карта на бизнисот на Мицкоски во Бугарија.
Игор Јанушев – генерален секретар на Владата на Мицкоски. Бугарски државјанин. Деклариран како Бугарин по нација и етничка припадност. Со фирма во Ќустендил за транспортни услуги – ‘ФЛУГБАН ТРАНС’ ДОО, со ЕИК 203831055, со предмет на дејност ‘товарен автомобилски транспорт’. Управител – Кире Гешоски. Постои и трет содружник: Сашо Апостоловски. Сите од кругот на Мицкоски.

Компанијата пријавува годишен промет од околу 320.000 евра и нето-добивка под 10.000 евра – незначителна во споредба со прометот.
Во рок од неколку дена очекувајте Национална карта на бизнисот на Мицкоски во Бугарија. Пријави до сите надлежни институции, граѓански бојкот на услугите на овие компании и запирање на профитот на Мицкоски од Бугарија – како крајна цел.
Седиштето на компанијата е: град Ќустендил, улица ‘Цар Освободител’ број 64, кат 2.“
Објавата доаѓа од организација чиј претседател е прогласен за персона нон грата во земјава, а тврдењата засега не се потврдени од македонските институции, ниту од самиот Јанушев.
Премиерот Христијан Мицкоски, прашан за овие наводи, изјави дека првпат слуша за такво нешто и оцени дека станува збор за шпекулации, конструкции и објави што не заслужуваат политичко внимание.
„Првпат слушам за такво нешто. Инаку, фондации и секакви глупости по нивните портали ќе прочитате за сите нас. Сега ние не може за секоја нивна глупост да коментираме. Дајте да зборуваме за конструктивни работи. Да најдеме начин како да го решиме прашањето. За глупости, измислици и пишувања на нивни портали, ние немаме намера да се занимаваме со тоа“, изјави Мицкоски.
Телевизија 24 се обидела да стапи во контакт со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, но тој не одговорил на повиците.
Од опозицијата, пак, бараат институционално и јавно расчистување на случајот. Меѓународниот секретар на СДСМ, Андреј Жерновски, тврди дека повеќе од една година јавно поставува прашања дали Јанушев има бугарско државјанство, но дека одговор досега не добил ниту од него, ниту од премиерот, ниту од Владата.
„Повеќе од година дена јавно го поставувам прашањето дали Игор Јанушев, генералниот секретар на Владата на Мицкоски, е бугарски државјанин. Досега не добив одговор ниту од него, ниту од премиерот, ниту од нивната портпаролка. Ако веста е вистинита, првиот чекор е оставка веднаш“, порача Жерновски.

Прашањето сега добива и поширока политичка димензија. Доколку тврдењата се неточни, Владата и Јанушев имаат простор јавно и документарно да ги демантираат. Но, доколку постои двојно државјанство или деловна поврзаност со Бугарија, тоа отвора прашања за транспарентност, политичка одговорност и можни обврски кон друга држава.
Правните експерти предупредуваат дека двојното државјанство само по себе не мора да значи прекршување на закон, но може да биде чувствително кога станува збор за висок функционер во држава која има отворен политички спор со земјата чие државјанство евентуално го поседува.
Додека бугарската фондација најавува нови објави, а опозицијата бара одговори, Мицкоски ја затвора темата со оценка дека станува збор за измислици и провокации. Сепак, молкот на Јанушев остава простор случајот да продолжи да се користи како политичка тема во односите со Бугарија и во домашната јавност.
![]()

