ЛЕВИЦА ГО ДОБИ МЕНИТО, НО НЕ ЈА ПЛАТИ ПОЛИТИЧКАТА СМЕТКА: МИЦКОСКИ ОБВИНИ ЗА КАЛКУЛАЦИИ

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека власта е подготвена да прифати дел од забелешките на опозицијата во однос на измените на Изборниот законик, но нема да се откаже од воведување електронско гласање за дијаспората на следните претседателски избори.

Според Мицкоски, ова прашање е од особено значење поради специфичноста на претседателските избори, каде што постои изборен цензус, но и поради високите трошоци што ги предизвикува досегашниот модел на гласање во дипломатско-конзуларните претставништва.

Премиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила сите барања на Левица во процесот на подготовка на измените на Изборниот законик, меѓу кои и прашањето за финансирањето на политичките партии во предизборната кампања. Сепак, тој ја обвини Левица за, како што рече, политички некоректно и непринципиелно однесување, откако партијата одбила да се потпише на предлогот иако претходно учествувала во неговото усогласување.

Мицкоски посочи дека претставниците на Левица уште на лидерската средба се согласиле да бидат дел од процесот на изработка на измените, а потоа, според него, се обиделе да создадат впечаток дека договорот бил постигнат без нивно учество.

„Сè што бараа беше прифатено. Не може пред јавноста да се однесуваме како да не биле дел од процесот. Тоа не е коректно, не е морално, не е етички и не е цивилизирано“, изјави Мицкоски.

Во однос на СДСМ, премиерот рече дека власта е подготвена да прифати две од нивните барања преку амандмани. Првото се однесува на начинот на гласање, односно наместо да се заокружува бројката, да се заокружува името на кандидатот. Второто барање се однесува на можноста набљудувачите и овластените претставници да имаат улога во постизборните жалбени постапки.

Мицкоски нагласи дека овие прашања не се спорни за власта и дека, доколку СДСМ ги поднесе како амандмани, тие би можеле веднаш да бидат прифатени.

Но, според премиерот, едно прашање останува непроменливо – електронското гласање на дијаспората.

Тој оцени дека во време на дигитализација и развој на вештачката интелигенција, Македонија треба да најде современ начин преку кој иселениците ќе можат полесно да го остварат своето избирачко право. Дополнително, како аргумент го посочи и финансискиот товар што го создава испраќањето претставници во дипломатско-конзуларните претставништва, кои треба да ја спроведуваат изборната постапка.

„Нашата цел е да ги намалиме трошоците и да ѝ овозможиме на дијаспората да гласа електронски. Во светот постојат демократски држави кои веќе применуваат вакви решенија“, порача Мицкоски.

Измените на Изборниот законик, според најавите, остануваат едно од најчувствителните политички прашања, особено во делот на гласањето на дијаспората, кое власта го претставува како модернизација на изборниот процес, додека дел од опозицијата го гледа како потенцијално спорен механизам.

Loading