Премиерот Христијан Мицкоски јасно ги отфрли шпекулациите дека воведувањето електронско гласање за дијаспората е поврзано со негови евентуални претседателски амбиции. Тој порача дека нема намера да биде кандидат ниту за претседател, ниту повторно за премиер, туку дека по завршувањето на актуелниот мандат планира да се врати на универзитетот и академската работа.
Во изјава за јавноста, Мицкоски посочи дека владејачкото мнозинство е подготвено да прифати најголем дел од барањата на опозицијата во процесот на измени на Изборниот законик. Сепак, како што нагласи, едно прашање останува непроменлив став на Владата — електронското гласање за македонските државјани во дијаспората.
Според премиерот, овој модел треба да почне да се применува од претседателските избори во 2029 година, а неговата цел е да се олесни учеството на дијаспората во изборниот процес, особено кога станува збор за избори поврзани со изборен цензус.

Мицкоски реагираше и на тврдењата дека зад оваа иницијатива стои лична политичка пресметка или подготовка за негова идна кандидатура за шеф на државата.
„Се појавија шпекулации дека предлогот за електронско гласање на дијаспората е поврзан со мои претседателски амбиции. Сакам јасно да кажам дека нема да бидам кандидат. По завршувањето на мандатот како премиер ќе се вратам на универзитетот, меѓу студентите. Нема да се кандидирам ниту за премиер, ниту за претседател на државата, бидејќи немам ниту амбиција, ниту желба за таква функција“, изјави Мицкоски.
Во меѓувреме, продолжуваат разговорите меѓу власта и опозицијата за финализирање на измените на Изборниот законик. Преговорите се водат на ниво на координатори на пратеничките групи, со цел да се постигне што поширок политички договор околу новите изборни правила.
Иако власта покажува подготвеност за компромис околу повеќе точки, електронското гласање за дијаспората останува прашање од кое, барем засега, нема отстапување.
![]()

