Се прашувате зошто децата снимаат кога некој е понижуван?
Затоа што возрасните одамна ги научија дека секоја туѓа болка е содржина.
Се прашувате зошто не реагираат?
Затоа што гледаат возрасни кои цел живот не реагираат, освен кога треба да напишат статус, да залепат етикета, да се приклучат на линч или да глумат морална вертикала од удобноста на сопствениот телефон.
Се прашувате зошто децата се сурови?
Затоа што суровоста ја гледаат секој ден. Во политика. Во медиуми. На социјални мрежи. На семејни маси. Во кафани. На „after work“ дружења каде возрасните, уморни од сопствената сериозност, задолжително мора да се „опуштат“, додека децата дома ги воспитуваат екрани, алгоритми и коментари полни со омраза.
Се прашувате зошто децата исклучуваат други деца од групата?
Затоа што и тоа го научија од возрасните. Од родендените на кои децата не се канат затоа што „не се од нашето друштво“, „не се вклопуваат“, „се чудни“, „родителите не ни се блиски“ или едноставно затоа што некој возрасен решил дека едно дете не заслужува да биде дел од радоста. Така, со амин од родителите, дискриминацијата добива празнична маска, а исклучувањето се претвора во воспитна лекција. Децата многу брзо разбираат кој е „пожелен“, кој е „неважен“ и кој може да биде оставен надвор. А потоа истата логика ја носат во училишниот двор, во групните разговори, во екскурзиите, во секојдневните односи. Не е тоа детска суровост родена од ништо. Тоа е возрасна селекција преведена на детски јазик.
Се прашувате зошто младите немаат вредности?
А кој точно требаше да им ги пренесе?
Возрасните што дење зборуваат за морал, а навечер се натпреваруваат кој погласно ќе се смее на туѓа несреќа? Возрасните што бараат дисциплина од децата, а самите не можат да издржат еден ден без сеир, озборување, омаловажување и јавна пресметка? Возрасните што се згрозуваат од врсничко насилство, но со уживање споделуваат видеа, навреди и политички понижувања?
Кафаните се преполни со возрасни. Не со млади. Возрасни што имаат време за маса, музика, „уште една тура“ и анализа на туѓи животи, но немаат време да прашаат што му се случува на сопственото дете. Возрасни што знаат каде е најдобрата атмосфера во градот, но не знаат во каква атмосфера им расте детето.
И потоа истите тие, со зачудена физиономија и праведен гнев, прашуваат: „Што им е на денешниве деца?“
Ништо не им е.
Тие само гледаат.
Гледаат како возрасните ја претворија јавноста во арена, политиката во кал, социјалните мрежи во судница без судија, а човечкото достоинство во материјал за коментари. Гледаат дека навредата носи аплауз. Дека понижувањето носи лајкови. Дека агресијата се продава како храброст. Дека колку си посуров, толку си „поинтересен“.
Зошто тогаш би биле поинакви?
Кога дете гледа насилство и не реагира, тоа не е само детски пропуст. Тоа е научена лекција. Научило дека е побезбедно да молчи. Научило дека групата одлучува што е смешно, што е страшно, што е дозволено. Научило дека ако сите гледаат, тогаш можеби никој не е виновен. Научило дека ако сите се смеат, можеби жртвата „сама си го барала“.
Така се создава најопасната лага во едно општество: дека молкот на мнозинството значи дека сè е во ред.
Не е во ред.
Кога сите гледаат, а никој не застанува, тоа не е неутралност. Тоа е соучество.
Кога некој снима насилство наместо да помогне, тоа не е доказ. Тоа е продолжување на понижувањето.
Кога возрасните аплаудираат на јавен линч, а потоа бараат децата да бидат емпатични, тоа не е воспитување. Тоа е лицемерие.
Затоа, да престанеме со евтината претстава во која возрасните се шокирани од децата. Децата не измислија сеир. Децата не измислија јавен линч. Децата не измислија навреда како форма на комуникација. Децата не измислија култура во која туѓата слабост е забава.
Тоа го наследија.
Од нас.
Од возрасните кои се караат како навивачки групи, а зборуваат за воспитување. Од јавни личности кои газат по достоинство, а зборуваат за вредности. Од политичари кои живеат од поделби, а зборуваат за иднината на младите. Од родители кои бараат почит, но не покажуваат пример. Од општество кое секој ден им кажува на децата: „Биди добар“, а секоја вечер им покажува дека подобро поминува оној што е погласен, погруб и побезобразен.
Затоа врсничкото насилство не почнува секогаш во училишен двор.
Почнува кога возрасен човек ќе се насмее на туѓо понижување.
Почнува кога јавноста ќе аплаудира на навреда.
Почнува кога политичката омраза ќе стане секојдневна забава.
Почнува кога кафаната ќе стане поважна од разговорот дома.
Почнува кога телефонот ќе биде побрз од совеста.
Почнува кога сите ќе речат: „Не се мешај.“
А завршува со дете кое стои пред насилство, држи телефон во рака и мисли дека тоа е нормално.
Па, се прашувате зошто?
Затоа што децата не нè слушаат кога им држиме лекции.
Децата нè гледаат кога мислиме дека не нè гледаат.
И токму таму, во тој секојдневен пример на возрасните, се раѓа насилството што потоа сите глумиме дека нè изненадило.
А.А
![]()

