Европската политика кон Македонија повторно ја покажа својата најпроблематична страна: од земјата се бараат конкретни отстапки, уставни измени и политичка цена што треба да се плати дома, но за возврат не се нуди јасна и правно обврзувачка сигурност дека патот кон членство нема повторно да биде блокиран од нов билатерален услов. Во таа смисла, пораката на еврокомесарката за проширување Марта Кос не е само дипломатска констатација, туку студен потсетник дека европскиот процес за Македонија останува асиметричен: обврските се македонски, но ризиците остануваат отворени.
Во пресрет на нејзината официјална посета на Македонија, Кос во интервју за МИА порача дека ниту една земја кандидат за членство во Европската Унија досега не добила, ниту пак може да добие гаранции дека во текот на пристапните преговори нема да се појави нов спор со некоја земја членка.
Со оваа изјава, еврокомесарката практично потврди дека барањето за сигурност од македонска страна , дека по евентуалното внесување на Бугарите во Уставот нема да следуваат нови условувања , не може да биде исполнето во форма на гаранција од ЕУ.
Кос нагласи дека довербата во процесот се гради преку исполнување на преземените обврски, но и преку односот на земјите кандидати кон Унијата и нејзините членки. Според неа, основата на тој процес се добрососедските односи, а кога довербата меѓу страните расте, пристапниот процес станува посигурен.
„Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување, сè до моментот кога последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност“, порача Кос.

Во политичка смисла, ваквата порака дополнително ја комплицира домашната дебата околу уставните измени. Додека Брисел инсистира дека внесувањето на Бугарите во Уставот е неопходен чекор за продолжување на евроинтеграциите, во Македонија останува отворено прашањето што точно добива државата по исполнувањето на овој услов, ако нема гаранција дека нема да следуваат нови блокади.
Кос, сепак, останува на ставот дека спроведувањето на преземените обврски е единствениот пат за земјата да продолжи напред во процесот. Таа порача дека добрососедството и довербата со земјите членки се клучни за побезбеден и поефикасен пристапен процес.
Еврокомесарката најави и дека Европската комисија оваа есен ќе предложи нови начини преку кои земјите кандидатки би можеле постепено да се доближуваат до Европската Унија уште пред формалното членство. Но, и оваа порака отвора нова дилема: дали станува збор за реално приближување кон ЕУ или за нова политичка формула што ќе го одложи полноправното членство, додека кандидатите остануваат во чекалната на европскиот систем.
За Македонија, главното прашање останува исто: дали европскиот пат е процес со јасен крај или бесконечна серија услови во која секоја исполнета обврска отвора простор за нова неизвесност.
![]()

