КОИ УНИВЕРЗИТЕТИ СЕ ПОД ЛУПА: ЌЕ ПАДНАТ ЛИ ПРВИТЕ АКРЕДИТАЦИИ?

Министерството за образование и наука ги засилува контролите во високото образование, а институциите кај кои ќе бидат утврдени сериозни пропусти ризикуваат да останат без акредитација и да бидат затворени.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, при посетата на Охрид, информираше дека во моментов се врши мониторинг на најмалку пет универзитети. Истовремено, се водат постапки за затворање на уште пет до шест научни институти.

Според податоците што ги изнесе министерката, досега биле затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа, откако при контролите биле констатирани неправилности во нивното работење.

Јаневска посочи дека првичните евалуации, кои Агенцијата за квалитет во високото образование ги спроведува со учество на странски експерти, покажале различна состојба кај високообразовните установи. Дел од нив ги исполнуваат пропишаните стандарди, додека кај други биле откриени посериозни недостатоци.

Институциите кај кои се утврдени пропусти најпрво ќе добијат законски рок за нивно отстранување. Доколку не постапат според препораките и не го усогласат работењето со стандардите, може да им биде одземена акредитацијата, по што би следувало и нивно затворање.

Министерката оцени дека контролата на квалитетот во високото образование сега се спроведува поактивно во споредба со претходниот период. Според неа, Агенцијата за квалитет конечно ја извршува својата функција преку конкретни евалуации и мониторинг, наместо процесот да се сведува само на издавање акредитации.

Засега не се објавени имињата на универзитетите што се предмет на проверка, ниту на научните институти за кои е започната постапка за затворање.

Loading