Портпаролката на СДСМ и членка на партискиот Извршен одбор, Богданка Кузеска, ја обвини Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски дека со своите политики ја оддалечува државата од Европската Унија и ја продлабочува политичката и економската изолација на Македонија.
Според Кузеска, последните ставови на премиерот покажуваат дека актуелната власт не е подготвена да ги спроведе реформите неопходни за продолжување на евроинтегративниот процес. Таа смета дека владејачката структура свесно ја става под ризик европската перспектива на државата за да избегне посилна институционална контрола и одговорност.
„Мицкоски призна дека тој и неговата криминална организација ВМРО не сакаат Македонија да биде членка на Европската Унија. Не затоа што не веруваат во Европа, туку затоа што се плашат од тоа што Европа го носи – независно судство, европско јавно обвинителство и одговорност“, изјави Кузеска.
Таа оцени дека приближувањето кон европските стандарди би значело воспоставување поефикасни механизми за контрола на трошењето на јавните пари, поголема транспарентност при склучувањето договори и намалување на можностите за партиско влијание врз институциите.
Според неа, токму поради тоа власта го одложува спроведувањето на суштинските реформи и создава нови пречки на патот кон Европската Унија.

Кузеска предупреди дека последиците од ваквите политики директно ги чувствуваат граѓаните, додека младите сè почесто ја гледаат својата иднина надвор од државата.
„Македонскиот народ јасно кажа што сака. Сака Европа. Сака правда. Сака да живее во нормална, достоинствена европска држава“, порача таа.
Од СДСМ наведуваат дека членството во Европската Унија би донело поголеми можности за економски развој, повисок животен стандард, привлекување нови инвестиции и подобар пристап до европските фондови.
Партијата посочува дека европската интеграција е особено важна за младите, бидејќи отвора можности за поквалитетно образование, професионален развој и подобри услови за живот и работа во сопствената држава.
Кузеска смета дека Владата во следниот период би можела да се обиде да ја пренасочи јавноста од економските проблеми преку нови политички теми и повици за предвремени парламентарни избори.
Таа порача дека граѓаните, како што рече, повеќе нема да прифаќаат изговори за неуспехот во спроведувањето на реформите и во подобрувањето на животниот стандард.
„Народот ќе победи. Европска Македонија ќе победи“, изјави Кузеска.
![]()

