СТОИЉКОВИЌ – МИНИСТЕР ИЛИ „ГУБЕРНАТОР“ НА СРПСКИОТ СВЕТ?

Жестока политичка расправа се отвори во Собранието за време на дебатата за реконструкцијата на Владата, откако пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, ги доведе дел од предложените министри во врска со концептите на таканаречениот „српски“ и „руски свет“.

Трајчулески особено се задржа на предлогот Иван Стоиљковиќ да ја преземе функцијата министер за локална самоуправа. Според него, со ваквото кадровско решение се овозможува значително политичко влијание врз локалната власт во земјата.

Тој оцени дека со поставувањето на Стоиљковиќ на оваа позиција, „српскиот свет“ добива улога од која ќе има надлежности поврзани со сите 80 општини во Македонија.

Пратеникот на СДСМ упати забелешки и за кандидатурата на Борче Серафимовски за министер за земјоделство. Како аргумент ги посочи неговите претходни активности и учеството на собир организиран од фондацијата „Руски мир“.

Трајчулески наведе дека Серафимовски, како генерален директор на Меѓународниот славјански универзитет, присуствувал на јубилејното десетто собрание на фондацијата, формирана во 2007 година со указ на рускиот претседател Владимир Путин.

На настанот, како што посочи, свое обраќање имал и рускиот патријарх Кирил. Трајчулески нагласи дека ваквите информации мора да се разгледуваат и во контекст на членството на Македонија во НАТО.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на опозицијата, оценувајќи дека СДСМ применува различни критериуми зависно од тоа дали е на власт или во опозиција.

Тој ги потсети пратениците на СДСМ дека во минатото се обидувале да ја обезбедат поддршката на Стоиљковиќ за уставните измени и за промената на името на државата.

Според Мицкоски, тогаш на СДСМ не му пречеле политичките ставови и поврзаности на лидерот на Демократската партија на Србите, бидејќи неговиот глас им бил потребен.

„Тогаш трчавте да го убедувате и му нудевте сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше ниту кога го баравте низ Скопје и Куманово“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека Стоиљковиќ ги одбил понудите бидејќи, како што оцени, имал карактер и достоинство. Тој порача дека актуелната Влада има јасно изградени ставови и нема да дозволи опозицијата да ѝ дели политички лекции преку, како што рече, селективно толкување на минатото.

Собраниската расправа повторно ги отвори прашањата за надворешнополитичката ориентација на земјата, влијанието на регионалните и глобалните центри на моќ, но и за доследноста на политичките партии кога нивните интереси и позиции се менуваат.

Loading