Гласањето за предлог-законот за правична застапеност повторно не се одржа во Собранието, иако пратениците од опозициските партии на Албанците беа присутни во полн состав и инсистираа веднаш да се премине на изјаснување.
Нивното организирано присуство го зголеми бројот на присутни пратеници од немнозинските заедници, со што за донесување на законот е потребна поширока поддршка според Бадентеровиот принцип. На седницата, втор ден по ред, присуствуваше и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
По низа процедурални реакции и обиди на опозицијата да се прекине расправата по другите точки, потпретседателката на Собранието Весна Бендевска даде пауза, по која седницата не продолжи.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, оцени дека случувањата во собраниската сала покажале која политичка страна ја има поддршката на мнозинството пратеници од немнозинските заедници.
„Едно е јасно: кој има Бадентер, има легитимитет. Им честитам на пратениците на опозициските политички партии на Албанците. Докажаа кој има легитимитет, како и кој го попречува усвојувањето на еден од најантиалбанските закони предложени од која било влада во последните 25 години“, напиша Османи на Фејсбук.
Предлог-законот треба да се усвојува со таканаречено мало Бадентерово мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Македонија.

Пратениците на ДУИ ја обвинија власта дека намерно го одложува изјаснувањето и дека чека момент кога дел од опозициските пратеници нема да бидат присутни во салата. Според нив, ваквата постапка претставува прекршување на собранискиот Деловник, поради што побараа гласањето да се одржи веднаш или однапред да бидат определени точен датум и час.
Дополнителни реакции предизвика и отсуството на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Зошто Гаши е отсутен токму денеска? Имаме закон што ги исполнува сите процедурални услови, но не се става на гласање“, праша пратеничката на ДУИ, Дијана Тоска.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, оцени дека одложувањето е обид законот да биде изгласан во друг момент, кога распоредот на силите во салата би бил поповолен за парламентарното мнозинство.
Таа потсети дека претходно било одложено и гласањето за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, иако постоел кворум. Ајдари побара да бидат доставени стенограмите од претходната седница и предупреди дека опозицијата нема да прифати законот да биде ставен на гласање без навремено известување на сите пратеници.
Пратеникот Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците го обвини Гаши за примена на различни критериуми. Тој посочи дека претседателот на Собранието претходно не го одложил изборот на Иван Стоилковиќ за министер, додека сега не дозволува изјаснување за законот за правична застапеност.
Од собраниското раководство ги отфрлија обвинувањата дека постои намера законот да биде донесен без присуство на опозицијата. Бендевска, повикувајќи се на членот 170 од Деловникот, објасни дека претседателот на Собранието има право по завршувањето на расправата да го одложи гласањето и дополнително да го определи терминот за изјаснување.
„Членот 170 не се врзува со кворум, туку со апсолутно право на претседателот да го одложи и презакаже изјаснувањето по завршената расправа“, рече Бендевска.
Таа додаде дека евентуалните дилеми околу примената на Деловникот може да бидат разгледани пред Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Бендевска уверуваше дека законот не е повлечен од дневниот ред и дека сите пратеници навреме ќе бидат известени кога ќе се одржи гласањето. Таа порача дека притисокот од опозициските пратеници нема да влијае врз одлуката на претседавачот.
Елми Азири од Алијанса за Албанците, пак, побара конкретен термин, оценувајќи дека закон што произлегува од принципите на Рамковниот договор не смее да биде третиран како обична точка која може неодредено да се одложува.
Според него, фактот што пратениците не биле информирани дали гласањето ќе се одржи во текот на неделата покажува дека власта во моментот ја нема потребната поддршка.
Засега од Собранието не е соопштен конкретен датум за изјаснување. Опозициските партии на Албанците најавуваат дека ќе продолжат да инсистираат сите пратеници однапред да бидат информирани за денот и часот на гласањето.
![]()

