ЕК СО ЗАБЕЛЕШКИ, МИЦКОСКИ СО УЛТИМАТУМ: „ПРВО ПРАВДА, ПОТОА ПАРИ!“

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе продолжи јавно да ја критикува работата на судиите и обвинителите, и покрај забелешките на Европската комисија за политички притисоци и мешање во правосудството. Воедно, тој порача дека судството и Обвинителството нема да добијат дополнителни буџетски средства бидејќи, според него, со досегашната работа не ги заслужиле.

Коментирајќи го најновиот извештај на Европската комисија за владеењето на правото, Мицкоски оцени дека станува збор за еден од најдобрите извештаи што Македонија ги добила досега. Сепак, тој не се согласува со оценките дека неговите јавни настапи можат да се толкуваат како мешање во независноста на правосудниот систем.

Премиерот нагласи дека смета оти негова обврска е јавно да ги повикува судиите и обвинителите да испорачаат правда и дека нема намера да престане со таквите коментари, без оглед на тоа колку извештаи ќе бидат објавени.

– Мене ми е работа јавно да ги повикувам судиите и обвинителите да испорачаат правда. Ќе продолжам да коментирам сè додека не видиме напредок. Повеќе пари нема да добијат, иако се бара во Законот за јавно обвинителство да се предвиди сума од 0,5 проценти од Буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле – изјави Мицкоски.

На ваквиот став остро реагираше опозициската СДСМ, од каде што тврдат дека извештајот на Европската комисија содржи јасни предупредувања за мешање и притисок врз судството и Обвинителството од страна на претставници на власта. Партијата оценува дека нема суштински реформи, додека корупцијата и спорните тендерски постапки и натаму претставуваат сериозен проблем.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, како примери ги посочи јавните настапи на премиерот поврзани со изборот на нов државен јавен обвинител, како и неговите критики кон претставници на обвинителската фела.

Според Кузеска, не станува збор за општи забелешки, туку за директна оценка на состојбата во правосудниот систем. Таа обвини дека изборот на новиот државен обвинител однапред бил јавно коментиран и насочуван од премиерот, а неговите изјави за одредени обвинители покажувале непочитување кон професионалните тела.

Во извештајот на Европската комисија главните забелешки се однесуваат на политичкото влијание, ограничената примена на антикорупциските мерки и недоволните финансиски средства за правосудните институции. Европската комисија предупредува дека притисоците од другите гранки на власта продолжуваат да предизвикуваат сериозна загриженост за почитувањето на судската независност.

Дополнително се посочува дека недоволното буџетско финансирање ја поткопува независноста на судството и автономијата на Обвинителството. Како проблематична е наведена и постапката за разрешување на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, која, според извештајот, покажала ризици од политизација и слабости во правилата за разрешување.

Во генералната оценка се заклучува дека ефикасноста на правосудниот систем продолжува да се намалува, додека довербата и перцепцијата за независноста на судството во Македонија остануваат на многу ниско ниво.

Loading