КАКО „ЗАБРАНЕТИТЕ“ БУГАРСКИ ПРАТЕНИЦИ ГО НАЈДОА ПАТОТ ДО КОЧАНИ?

Двајца пратеници од бугарската партија „Преродба“, кои наводно имаат важечка забрана за влез во Македонија, присуствувале на судското рочиште во Кочани за 23-годишната Ива Михајлова. Нивното присуство го потврдиле самите преку фотографии објавени на социјалните мрежи.

Како што објави телевизија Телма, станува збор за Крсто Врачев и Ангел Георгиев. Засега нема официјално објаснување како двајцата влегле во земјата доколку забраната сè уште е во сила, ниту дали надлежните институции биле запознаени со нивното присуство.

За време на рочиштето, бугарските пратеници упатиле критики за состојбата со владеењето на правото во Македонија. Тие тврделе дека Михајлова, која поседува македонско и бугарско државјанство и се изјаснува како Бугарка, е изложена на неправеден третман.

Според информациите на Телма, Врачев и Георгиев се меѓу 27 лица опфатени со пресуда на Основниот суд во Битола. Забраната за влез во Македонија во траење од една година им била изречена откако во јуни минатата година нелегално ја преминале македонско-грчката граница и неовластено престојувале во земјата.

Покрај забраната, на лицата им биле изречени и парични казни во висина од 50 до 230 евра.

Нивното појавување во судницата во Кочани отвора сериозно прашање за примената на судските одлуки и за контролата на државната граница. Од надлежните институции се очекува да разјаснат дали забраната била активна во моментот на нивното влегување и, доколку била, како им било овозможено да пристигнат во Кочани.

Loading