Во авијацијата, она што сите го нарекуваме „црна кутија“ всушност е обоено во силна портокалова боја. Создадена е да биде видлива меѓу остатоците, да го преживее ударот, огнот и водата и да ја сочува вистината кога сите други траги ќе исчезнат.
Во политиката е обратно.
Сè е обоено со светли пароли, свечени говори, национални знамиња и победнички фотографии, додека вистината се чува во најтемните прегради на системот. Далеку од јавноста, но блиску до оние што ја управуваат машината.
Токму затоа метафората дека Артан Груби е „црната кутија“ на ДУИ звучи многу посилно од обично партиско обвинување.
Црната кутија не е херој. Не е покајник, ниту светец кој решил да ја спаси вистината. Таа е дел од самиот авион – поврзана со неговите системи, напојувана од истата енергија и доволно блиску до пилотската кабина за да ги слушне гласовите што патниците никогаш не ги слушнале.
Ако Артан навистина е црната кутија на ДУИ, тогаш тој не бил случаен патник на последното седиште. Бил вграден во системот.
Го знаел курсот. Ги слушал командите. Ги чувствувал турбуленциите уште пред во кабината да се вклучи знакот за врзување на безбедносните ремени.

И затоа денес можеби не е најважно каде е Артан.
Поважно е што сè патува со него.
Артан Груби не беше тивок партиски службеник кој незабележано минувал низ ходниците на власта. Беше прв вицепремиер, јавно лице на ДУИ, политички мегaфон и човек кој настапуваше со самодоверба на некој што знае дека зад него не стои само функција, туку цела машинерија.
Додека политичкиот авион леташе високо, никому не му пречеше неговото присуство во пилотската кабина. Никој не прашуваше кој му ги дал командите, кој му ја одобрил маршрутата и кој го овластил да зборува во име на целата посада.
Напротив.
Во првата класа се наздравуваше. Се делеа функции, се отвораа врати и се правеа заеднички фотографии. Груби тогаш не беше дефект на системот. Беше еден од неговите највидливи производи.
Сега, кога се слушаат алармите, сите како да се обидуваат да нè убедат дека тој сам го презел управувањето додека останатите мирно спиеле.
Едни тврдат дека не ја знаеле маршрутата. Други дека никогаш не биле во пилотската кабина. Трети веќе се преместуваат меѓу седиштата, надевајќи се дека јавноста нема да се сети каде седеле за време на летот.
А некои, се чини, веќе стојат покрај излезот за итни случаи.
Со падобран подготвен на грбот.
Во таква атмосфера доаѓаат и приказните за можното повлекување на Али Ахмети од активната политика. Наводно, тој сакал да замине, но сопартијците не му дозволувале.
Можеби навистина е така.
Но политиката нè научи дека повлекувањето ретко е само повлекување, особено кога се најавува во момент кога се палат предупредувачките светла. Понекогаш тоа е обид капетанот навреме да ја напушти кабината, оставајќи ја посадата да објаснува кој ја променил насоката.
Самото повлекување не докажува ништо. Но моментот во кој се најавува кажува многу.
Истовремено, на политичката писта веќе се слушаат мотори. Некои се загреваат за наследници, други ја проверуваат насоката на ветерот, а трети внимателно чекаат да видат каде ќе паднат остатоците пред да одлучат кон кого ќе потрчаат.
Сите велат дека ситуацијата е под контрола.
Но кога една посада постојано ги уверува патниците дека нема причина за паника, додека од кабината излегува чад, најчесто проблемот веќе не е во турбуленцијата.
Проблемот е во довербата.
Тука доаѓаме до зборот „курбан“.
Од тоа што ќе прозборел Артан, велат од ВЛЕН, ќе зависело кој ќе оди курбан.
И токму тој збор ја открива целата логика на политичкиот систем.
Курбан не се принесува за да се открие вистината. Се принесува за да се спасат останатите. Еден се жртвува за заедницата да продолжи како ништо да не се случило. Едно име се фрла пред јавноста за целиот механизам да остане недопрен.
Но правната држава не е жртвеник.
Таа не бара курбан. Бара одговорност.
Не избира еден човек врз кого ќе ги натовари сите гревови, туку ја испитува целата низа: кој наредил, кој потпишал, кој овозможил, кој знаел, кој премолчил и кој профитирал.
Во истрагите за авионски несреќи никој сериозен не прашува само кој бил во кабината во последната минута. Се проверува целиот лет. Планот на летање, комуникацијата со контролата, техничкото одржување, предупредувањата што биле игнорирани и одлуките што го довеле авионот до опасната висина.
Зошто во политиката би било поинаку?
Ако Артан Груби прекршил закон, тоа треба да го утврдат институциите и судот. Но ако бил дел од поширок начин на функционирање, неговото евентуално жртвување нема да го исчисти системот. Само ќе му овозможи повторно да се префарба и да полета под ново име.
Затоа „црната кутија“ не смее да стане уште една партиска играчка.

Не е доволно ВЛЕН да најавува што таа наводно содржи. Не е доволно ДУИ да се однесува како кутијата воопшто да не постои. И не е доволно јавноста да чека Артан да реши дали ќе молчи или ќе проговори.
Црните кутии не се читаат според расположението на оној што ги носи. Нив ги отвораат независни институции, ги споредуваат снимките со фактите и ја реконструираат целата патека до ударот.
Во спротивно, ќе добиеме само селективно пуштање на снимката.
Еден глас ќе биде засилен, друг избришан. Една реченица ќе биде извадена од контекст, друга прогласена за неважна. Секој ќе го слуша само оној дел што му одговара, а вистината повторно ќе остане затрупана под остатоците.
Артан можеби ќе проговори.
Можеби веќе проговорил.
А можеби неговиот најсилен адут токму сега е тоа што сите веруваат дека има што да каже. Понекогаш не е најмоќна самата снимка, туку стравот на посадата дека таа постои.
Тогаш почнуваат меѓусебните сомневања.
Кој знае колку? Кому кажал? Што запомнил? Што оставил зад себе? И чиј глас прв ќе се слушне ако снимката биде пуштена?
На крајот, црната кутија не го урива авионот. Таа само го преживува падот.
Не го избира курсот. Не ги носи одлуките. Не ги игнорира предупредувањата.
Таа само памети.
А во политички систем изграден врз лојалност, молк и заеднички тајни, човекот што памети е секогаш поопасен од човекот што обвинува.
Затоа вистинското прашање не е кој ќе оди курбан.
Прашањето е кој го подготвил планот на летање, кој седел во пилотската кабина, кој ги игнорирал предупредувањата и кој денес стои покрај излезот за итни случаи со падобран на грбот.
А кога „црната кутија“ конечно ќе се отвори, најважно нема да биде што кажал Артан.
Најважно ќе биде кој сè ќе го препознае сопствениот глас.

![]()

