БРИСЕЛ ПОДГОТВУВА НОВ УДАР ВРЗ МОСКВА: ЕУ најавува најширок пакет санкции од почетокот на војната

Европската Унија планира значително да го засили економскиот и политичкиот притисок врз Русија преку нов пакет санкции, кој би можел да биде предложен веќе оваа есен. Најавата ја соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, во интервју за германскиот весник „Ди Велт“.

Според Калас, станува збор за најобемниот пакет рестриктивни мерки што Брисел го подготвил од почетокот на војната во Украина. Планот предвидува проширување на списокот со нови физички и правни лица поврзани со руските политички, економски и воени структури.

Доколку предлогот биде прифатен од земјите членки, бројот на санкционирани руски субјекти би се зголемил за околу една третина. Калас смета дека постојните европски мерки веќе нанеле сериозна штета врз руската економија и значително ги ограничиле ресурсите со кои Москва ја одржува својата воена индустрија.

Според нејзините процени, ефектот од досегашните санкции надминал еден трилион евра. Таа нагласи дека притисокот врз Москва не смее да ослабне, туку треба постепено да се засилува сè додека не дојде до прекин на војната.

Сепак, европската шефица за надворешна политика не откри кои сектори ќе бидат опфатени со новите ограничувања, ниту кога пакетот официјално ќе биде ставен на усвојување. За санкциите да стапат во сила, потребна е согласност од сите земји членки на Европската Унија.

Последниот пакет мерки беше усвоен во јули и опфати дополнителни ограничувања во банкарскиот сектор, како и санкции насочени кон финансиски мрежи и трансакции поврзани со криптовалути. Со новата најава, Брисел испраќа порака дека економската изолација на Русија ќе продолжи и во наредните месеци.

Loading