Дали Али Ахмети го користи случајот со Артан Груби за политички да го ослаби Бујар Османи и да го спречи во евентуалната трка за лидерската позиција во ДУИ? Ова прашање го отвораат од ВРЕДИ, тврдејќи дека зад последните случувања во Мала Речица се води жестока внатрепартиска битка.
Од коалицијата посочуваат дека подолго време во јавноста се зборува за можните амбиции на Османи да го наследи Ахмети доколку долгогодишниот лидер на ДУИ се повлече од функцијата. Според нив, токму поради тоа Ахмети настојува да го заштити Груби, а истовремено да го продлабочи конфликтот меѓу поранешниот вицепремиер и Бујар Османи.
„Интригантниот Ахмети се обидува да го засили судирот меѓу Артан и Бујар, вешто посочувајќи го Османи како виновник за односот на ДУИ кон обвинението за Државна лотарија“, наведуваат од ВРЕДИ.
Оттаму оценуваат дека состојбата во ДУИ станува сè понапната, а Груби преку луѓето кои останале лојални на него веќе испраќа јавни пораки. Според ВРЕДИ, на поранешниот вицепремиер му станува јасно дека дел од неговите најблиски соработници го оставиле сам да се соочи со обвинението.
Од коалицијата го нарекуваат Груби „црна кутија“ на ДУИ и тврдат дека неговите евентуални искази пред правосудните органи би можеле да ја одредат политичката судбина на целото актуелно раководство на партијата.
Препукувањата меѓу двете страни се засилија во изминатиот период. Додека ВРЕДИ зборува за внатрешни поделби, пресметки и судири во Мала Речица, од ДУИ возвраќаат дека токму владејачката коалиција е составена од различни интереси и дека не претставува вистинско политичко обединување.

Според ДУИ, ВЛЕН е проект создаден за расцепкување на албанскиот глас и за намалување на неговата политичка тежина. Од партијата тврдат дека остануваат нејасни организацијата, финансирањето и политичката поддршка зад коалицијата, оценувајќи ја како група лични интереси претставена како национална кауза.
Новата политичка пресметка се случува непосредно пред почетокот на судскиот процес против Артан Груби. Нему неодамна му беше доставено обвинението, а на 24 август треба да седне на обвинителната клупа за злоупотреба на службената положба.
За делото за кое е обвинет е предвидена максимална затворска казна од пет години, согласно измените на Кривичниот законик од 2023 година. Иако во меѓувреме беа донесени нови законски измени, се применува поблагиот закон што важел по извршувањето на делото.
Обвинителството во 2024 година отвори истрага против Груби и поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами, првично за проневера во службата. Според тогашните наводи, тие заеднички учествувале во дејствија на штета на акционерското друштво, со намера за друг да обезбедат противправна имотна корист од над осум милиони евра.
Сега, додека се приближува судењето, политичкото прашање е дали Груби ќе молчи или ќе проговори – и дали судскиот процес може да прерасне во пресметка што ќе го потресе самиот врв на ДУИ.
![]()

