Во обид да ги смири шпекулациите за внатрешни поделби и паралелни центри на влијание, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека партиските врати остануваат отворени за сегашни и поранешни функционери, но и за независни активисти, интелектуалци и млади луѓе кои имаат визија и јавен кредибилитет.
Според него, идниот кадровски состав на СДСМ нема да се определува според блискоста со партиското раководство или според демонстрираната лојалност кон поединци. Клучна улога, како што најави, ќе имаат анкетите, анализите, искуството, стручноста и личниот рејтинг што потенцијалните кандидати го имаат меѓу граѓаните.
Филипче ги отфрли оценките дека во партијата постојат затворени кругови и внатрешни групирања, нагласувајќи дека СДСМ треба да се дистанцира од елитизмот и од одлучувањето зад затворени врати.
Тој особено се осврна на неформалните политички средби, за кои рече дека не смее да прераснат во механизам за создавање поделби и неизвесност меѓу членовите и симпатизерите.
„Не поддржувам седенки во кафеани на карирани чаршафи. Таквите политики во минатото не донеле ништо добро, а нема да донесат ниту сега. Тие создаваат поделби и немир кај членството и симпатизерите. Тоа не ни е потребно, а вратите во партијата се отворени за сите“, порача Филипче.
Одговарајќи на прашањето колку од сегашните пратеници би можеле повторно да се најдат на добитни позиции при евентуални предвремени парламентарни избори, лидерот на СДСМ истакна дека актуелната функција сама по себе нема да биде гаранција за нова кандидатура.

Тој нагласи дека одлуките нема да зависат исклучиво од неговата волја, ниту од, како што ја нарече, „патолошка лојалност“. Наместо тоа, предност би требало да добијат луѓе со знаење, искуство, јавен легитимитет и способност уверливо да ги претставуваат политиките на партијата.
„За мене сите партиски другари се еднакви, без разлика дали биле дел од тимовите во минатото, дали се сега или ќе бидат во иднина. Потребни се искусни луѓе, добри познавачи на состојбите, личности со кредибилитет и легитимитет, но и млади луѓе со желба и визија“, рече Филипче.
Според најавите, составувањето на идните тимови и кандидатски листи ќе се темели на повеќе критериуми. Покрај партиското и професионалното искуство, ќе се анализира и довербата што секој од можните кандидати ја ужива кај јавноста.
Филипче порача дека неговата цел не е зачувување на политичката иднина на одделни функционери, туку создавање поширок и покредибилен тим. Тој тврди дека процесот не треба да се сведе само на внатрепартиска пресметка за позиции, бидејќи, според него, прашањето ја надминува иднината на СДСМ и се однесува на иднината на Македонија.
„Не сум оптоварен со тоа дали некој е актуелен пратеник, бил пратеник порано или сака да биде во иднина. Тоа за мене апсолутно не е критериум што ќе ја определува нечија политичка иднина“, изјави претседателот на СДСМ.
Неговите пораки доаѓаат по промовирањето на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, која беше претставена на 1 јули како простор за поширока општествена и политичка дебата.
На средбата учествуваа граѓански активисти кои претходно не биле партиски ангажирани, актуелни носители на опозициски јавни функции, како и припадници на различни генерации на СДСМ.
Само два дена по настанот, Филипче најави дека партиските органи ќе разговараат за присуството на пратеничка од СДСМ на оваа средба. Тоа дополнително ги засили прашањата дали платформата претставува обид за пошироко опозициско поврзување или сигнал за ново престројување во редовите на социјалдемократите.
Со последната изјава Филипче испраќа порака дека формалното членство, поранешните функции и позицијата во актуелната партиска хиерархија нема да бидат доволни за место во идните тимови. Конечниот тест, според него, ќе бидат довербата кај граѓаните и способноста да се понуди политичка алтернатива.
![]()

