ПЕХЧЕВО СЕ „СПАСИ“ ОД ИДНИНАТА: Сега нека живее од едногласното „НЕ“ и економски план од Левица

„Со сила можеш да му земеш на човек, но со сила не можеш да му дадеш.“

ДАТА-ЦЕНТАРОТ ГО ЗАПРЕА, СЕГА СЕ ЧЕКА РАЗВОЈОТ: Каков економски план ќе му понуди Левица на Пехчево?

И сега, откако паниката ја заврши својата работа и иницијативата за дата-центар е запрена, време е оние што прогласија голема победа да го дадат одговорот на многу потешкото прашање: што понатаму со Пехчево?

Честитки, Пехчево е спасено!

Серверите нема да го нападнат Панчарево, податоците нема да ја загадат природата, а вештачката интелигенција нема да ја испие последната капка вода од Малешевијата. Деветтемина советници навреме ја одбранија општината од страшната опасност некој да вложи капитал, да изгради инфраструктура и да отвори можност за нови работни места.

Советниците и не мора да знаат како функционира серверска сала. Но мора да знаат кого да повикаат за да им објасни. Нивна задача беше да побараат независна анализа, да го обврзат инвеститорот да ги открие сите параметри, да организираат јавна расправа и да постават строги услови за заштита на интересите на Пехчево.

Наместо тоа, тие го запреа токму процесот во кој требаше да ги добијат одговорите.

Не знаеле колку струја ќе троши дата-центарот – па ја запреле постапката во која тоа требало да се пресмета.

Не знаеле колку вода ќе користи – па не дозволиле да се изработи документацијата што требало да го покаже тоа.

Не знаеле колкава ќе биде инвестицијата, колку приходи ќе добие Општината и колку работни места ќе се отворат – па едногласно решиле дека е најбезбедно никогаш да не дознаат.

Совршена општинска логика: немаме доволно информации, затоа да го запреме процесот што треба да ни ги даде информациите.

Советот не гласаше против градежна дозвола, против пуштање објект во употреба или против негово приклучување на електричната мрежа. Гласаше против започнување постапка за изработка на урбанистичко-планска документација.

Практично, советниците не го отфрлија дата-центарот. Го отфрлија правото најнапред стручно да се утврди што навистина би претставувал тој проект.

Деветмина советници – петмина од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и еден од ЗНАМ – постигнаа историско политичко единство. Не околу план за развој на Пехчево, не околу отворање нови работни места и не околу запирање на иселувањето, туку околу одлуката да не се испита една нова можност.

Едногласноста, сепак, не е експертиза. Девет кренати раце не се енергетска студија. Партискиот консензус не ја пресметува потрошувачката на вода, ниту го утврдува капацитетот на електричната мрежа.

Сега останува уште една ситница: да објаснат од што ќе живеат луѓето што ги „спасија“.

Левица, која најгласно ја вклучи сирената за тревога, сега нека излезе пред граѓаните и нека им каже како ќе ја намали невработеноста, како ќе ги задржи младите, како ќе донесе инвестиции и како ќе ја подобри локалната економија.

Не со уште едно соопштение. Не со уште една револуционерна објава на Фејсбук. Не со зборовите „распродажба“, „предавство“, „катастрофа“, „колонијализам“ и „енергетско уништување“.

Со план.

Со бројки.

Со буџет.

Со рокови.

Со имиња на инвеститори.

Со конкретен број работни места.

Ако дата-центарот не е добар за Пехчево, тогаш што е добро? Каде е подобрата инвестиција? Кој ќе ја донесе? Кога ќе почне да се гради? Колкави плати ќе нуди? Колку млади ќе задржи?

Лесно е да го избркате инвеститорот што се појавил. Политичката способност се мери со тоа колку подобри сте донеле.

Истата обврска ја имаат и деветтемина советници. Ако толку совршено знаат што не му треба на Пехчево, тогаш нека покажат дека барем приближно знаат што му треба.

Тие не се избрани само за да притискаат црвено копче кога нешто ќе им звучи ново, сложено или политички ризично. Советничкиот мандат не е дозвола четири години да се гласа за дневни редови, ребаланси, тезги и времени вработувања, а кога ќе се појави посериозна инвестиција, целиот Совет да се претвори во колективен противпожарен аларм.

Советниците се избрани да управуваат со развојот, а не само да го спречуваат.

На следната седница нека не расправаат само што нема да се гради. Нека поднесат конкретна економска програма: вака ќе создадеме работни места, вака ќе ги задржиме младите, вака ќе ги поддржиме земјоделците, вака ќе го развиеме туризмот, вака ќе привлечеме компании и вака ќе го спречиме натамошното празнење на општината.

Секоја мерка нека има буџет, рок, одговорна институција и мерлив резултат.

Зашто Пехчево не може да живее од едногласното „не“.

Не може да исплаќа плати со страв. Не може да го полни општинскиот буџет со партиски соопштенија. Не може да ги задржи младите со уверување дека се „спасени“ од уште една инвестиција.

Од што точно се спасени? Од работа? Од повисоки приходи? Од нова инфраструктура? Од можноста нивната општина да стане дел од современата дигитална економија?

Но Пехчево во оваа приказна не е само Пехчево. Тоа треба да стане пример и предупредување за сите општини во Македонија.

Зашто истиот модел го гледаме насекаде. Штом ќе се појави посериозна инвестиција, први пристигнуваат стравот, гласините и партиските активисти. Уште нема проект, но веќе има катастрофа. Нема елаборат, но веќе има труење. Нема пресметка, но веќе се знае дека ќе нема вода и струја. Нема почнато постапка, а веќе се слави победа над инвеститорот.

Идеалната инвестиција за македонскиот политички паничар е онаа што не троши струја, не користи вода, не зафаќа земјиште, не создава бучава, не менува ништо и не се гледа од никаде – а притоа вработува илјадници луѓе со плати од три илјади евра.

Значи, инвестиција што не постои.

Затоа случајот со Пехчево треба да воведе едно непишано правило за секоја македонска општина: кој ќе побара да се запре инвестиција, истовремено да понуди подобра. Кој ќе гласа против проект, на истата седница да поднесе алтернативен економски план. Кој тврди дека го штити народот, нека покаже од што ќе живее тој народ.

Тоа правило нека важи за сите партии, градоначалници, советници, невладини организации и локални активисти. Правото да кажеш „не“ мора да биде придружено со одговорноста да кажеш што наместо тоа.

Време е да ја погледнеме реалната економска слика на Пехчево, онаа што не може да се разубави со говори за чист воздух и недопрена природа.

Во сопствената Стратегија за локален економски развој 2025–2029, Општината признава дека економската структура драстично се променила, дека текстилниот, градежниот и дрвниот сектор се во опаѓање и дека текстилната индустрија е речиси пред изумирање по затворањето неколку фабрики.

Во последната секторска табела вградена во стратегијата, која ја прикажува состојбата од 2020 година, биле регистрирани 144 активни деловни субјекти: 35 во трговијата, 28 во преработувачката индустрија, 27 во земјоделството, шумарството и рибарството, 12 во транспортот, девет во угостителството и сместувањето и само еден во секторот информации и комуникации.

Во посебниот преглед на локалната економија не е евидентирана ниту една компанија за ИТ-услуги.

Но штом се појави иницијатива за дата-центар, одеднаш цело Пехчево станува Силициумска Долина. Сите знаат како работат серверите, колку струја трошат, колку вода користат, какво влијание имаат врз мрежата и зошто мора веднаш да бидат запрени.

На официјалната страница на Советот се наведени имињата, партиската и националната припадност на советниците, но не и нивното образование, професија или евентуална експертиза во информатиката, електроенергетиката, економијата, урбанизмот и животната средина.

Интересно. За одлучувањето за дата-центарот јавноста може да дознае од која партија и националност е секој советник, но не може да дознае дали меѓу нив има електроинженер, информатичар, економист или експерт за животна средина.

Тоа не значи дека советниците се необразовани или неспособни. Значи дека јавноста не добила доказ оти Советот располагал со потребната стручна основа за конечна оценка. Напротив, советниците гласаа против токму затоа што немале доволно информации и анализи.

А додека Пехчево слави што ја запрело документацијата, општината демографски се празни. Бројот на жители се намалил од 5.517 во 2002 година на 3.983 во 2021 година – пад од речиси 28 проценти. Самата општинска стратегија зборува за масовно иселување на младото работоспособно население и за недостиг од квалификувани работници.

Младите заминуваат таму каде што се градат компании, технологии и инфраструктура. Потоа од Пехчево ќе се жалат дека нема инженери, електричари, техничари и претприемачи.

Нормално дека нема. Ги испраќаме да ги градат и одржуваат дата-центрите во државите што не се плашат од нив.

Сега Левица нека им објасни на тие млади зошто треба да останат. Нека не им зборува за идеологија, империјализам и „распродажба на енергетската иднина“. Нека им каже каде ќе работат следниот понеделник и колкава плата ќе земат на крајот од месецот.

Ако решението е рурален туризам – колку нови сместувачки капацитети ќе се отворат, како ќе се зголеми бројот на ноќевања, кој ќе ја изгради инфраструктурата и колку луѓе ќе се вработат?

Ако е земјоделството – каде се откупните центри, ладилниците, преработувачките капацитети, брендирањето и извозните договори?

Ако е дрвната индустрија – како ќе се премине од продажба на суровина кон финален производ со поголема додадена вредност?

Ако е малото претприемништво – каде се поволните кредити, даночните олеснувања, деловните зони и фондовите за младите?

Ако е дигиталната економија – каде се ИТ-компаниите, оптичката инфраструктура, обуките и техничките работни места?

Ако имаат нешто подобро од дата-центар, нека го покажат. Пехчево сигурно нема да се налути ако следната недела донесат три почисти, побезбедни и поисплатливи инвестиции.

Само нека внимаваат и тие да не трошат струја, вода и земјиште. Да не се случи повторно да мора да го спасуваат Пехчево од економијата.

Не може секој план да започнува и да завршува со „не“. Не рудник. Не фабрика. Не централа. Не ветерници. Не фотоволтаици. Не дата-центар.

Тогаш што?

Дали цела општина треба да се стави под стаклено ѕвоно и да се претвори во економски музеј во кој ништо не смее да се промени, освен бројот на жители – кој смее слободно да се намалува?

Заштитата на животната средина не смее да се претвори во економско балсамирање на општините. Локалниот патриотизам не е да ги заштитите граѓаните од секоја промена. Локален патриотизам е да создадете услови тие да не мора да заминат за да преживеат.

Дата-центрите не се волшебно стапче и нема автоматски да вработат илјадници луѓе. Трошат струја, може да користат вода и бараат сериозна инфраструктура. Но токму затоа постојат анализи, услови, дозволи и договори.

Инвеститорот требаше да биде обврзан да ги открие капацитетот, фазите на изградба, технологијата за ладење и изворот на електричната енергија. Требаше да се утврди кој ќе ги плати надградбите на мрежата, колкави приходи ќе добие Општината, колку локални компании ќе бидат ангажирани и каква програма за обука и вработување ќе се воспостави.

Можеше да се побара користење обновлива енергија, батериски систем, ограничување на потрошувачката на вода, редовно јавно објавување на податоците и строги казни ако инвеститорот не ги почитува обврските.

Тоа се вика држава. Тоа се вика политика. Тоа се вика заштита на јавниот интерес.

Сè друго е викање „опасност“ од безбедна оддалеченост.

Светската банка предупредува дека земјите без пристап до достапна облачна и податочна инфраструктура ќе заостануваат во користењето на вештачката интелигенција, машинското учење и напредните дигитални услуги.

Европската комисија планира најмалку тројно зголемување на европскиот капацитет на дата-центрите во следните пет до седум години, со побрзи процедури за проектите што ги исполнуваат критериумите за одржливост и иновации.

Европа разговара како да изгради повеќе дата-центри, како да ги направи поефикасни и како да ја зајакне својата дигитална независност.

Ние разговараме како да ги избркаме уште пред да го видиме проектот.

Во светот во кој податоците се стратешка инфраструктура, Македонија не може да се однесува како најголема опасност да е тоа што некој сака да инвестира, а не тоа што цели општини остануваат без население и економска перспектива.

Затоа Пехчево нека стане пример за сите општини.

Ниту една инвестиција да не се прифаќа слепо, но ниту една да не се отфрла без стручна анализа и реална алтернатива.

Кој запира една можност, мора да отвори друга.

Кој гласа против работни места, мора да покаже каде ќе создаде подобри.

Кој тврди дека ја спасил општината, мора да објасни како ќе ја спаси од иселувањето, сиромаштијата и економското пропаѓање.

Во спротивно, не го спасил Пехчево.

Само го спасил од иднината.

Loading