Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на СДСМ за средствата потрошени за одбележувањето на 35-годишнината од независноста и настапот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета. Тој оцени дека прославата била успешна и достоинствена, а опозицијата ја обвини дека од целиот настан прави „естрада“.
Според Мицкоски, одбележувањето траело еден месец, а на организираните настани присуствувале повеќе од 200.000 граѓани.
„Ја следам оваа естрада која ја прави опозицијата. Мислам дека единствени кои не се задоволни од прославата за 35-годишнината се тие. Траеше еден месец и помина прекрасно. Станува збор за повеќе од 200.000 граѓани кои биле дел од неа. Цениме дека Македонија достоинствено одбележа“, изјави Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за критиките на СДСМ околу настапот на Дејвид Гета и потрошените средства, премиерот се повика и на големиот интерес што го предизвикала објавата на светскиот диџеј.
„Тоа што видеото за 14 часа има над милион прегледи кажува колку настапот му значел и нему“, рече Мицкоски.

Тој потоа упати обвинувања кон поранешната власт и ДУИ, поврзувајќи го претходното трошење на средствата на Државна лотарија со случаи за кои се водат постапки.
„Можам да кажам дека тие кои очајуваат, на времето парите ги трошеа во приватните џебови на Перпарим и останатите, а ние вишокот пари ги враќаме кај граѓаните, кај уметниците. Не сме исти, се согласувам со опозицијата“, изјави премиерот.
Мицкоски дополнително ги обвини СДСМ и ДУИ дека резервите и добивката на Државна лотарија ги насочувале кон приватни интереси.
„Резервите и добивката од Лотарија, тие со ДУИ ги враќаа во приватни џебови“, рече тој.
Премиерот најави дека Владата и во иднина ќе продолжи да поддржува вакви настани, како и други културни и спортски иницијативи.
„Оваа Влада секоја година ќе подготвува вакви настани, ќе поддржува културни и спортски иницијативи. Цениме дека тоа е улогата на општествено одговорна компанија како што е Државна лотарија, а тоа е регулирано и со новиот Закон за игри на среќа“, истакна Мицкоски.
СДСМ во изминатиот период ја критикуваше Владата поради начинот на финансирање на прославата, особено во делот поврзан со настапот на Дејвид Гета. Од власта, пак, тврдат дека парите биле обезбедени преку Државна лотарија и општествено одговорни компании и дека биле наменети за повеќе настани во рамките на едномесечното одбележување, а не само за настапот на светскиот диџеј.
![]()

