Поранешниот министер за надворешни работи предлага глоба од најмалку 1.000 евра и задолжителна општокорисна работа за секој што намерно ќе фрли отпад во река, езеро или друго водно тело. Поводот е жената со „поршето“ која среде бел ден фрли кеса со ѓубре во Лепенец, па на жената што ја сними уште дрско ѝ мавна со „чао“.
И Димитров веднаш пресуди: „Вие сте брука. Голема брука.“
Точно. Брука е.
Но кога зборот „брука“ доаѓа од човекот кој го стави својот потпис врз Преспанскиот договор, тој збор добива сосема поинаква тежина. Речиси историска. Зашто Никола Димитров денес многу добро знае што треба да му се направи на оној што фрлил кеса во река, но никако да ни објасни што треба да му се направи на оној што ставил потпис врз името на државата.
Колкава е глобата за тоа, господине Димитров?
Илјада евра? Десет илјади? Општокорисна работа? Или барем задолжително чистење на политичките последици што ги оставивте зад себе?
Жената фрли кеса со отпад во Лепенец. Вие ставивте потпис во Преспа.
Нејзиниот отпад може да се извади од реката. Вашиот потпис остана во Уставот.
За неа се бара казна од 1.000 евра. За Вас имаше министерска функција, меѓународни пофалби и аплаузи од дипломатските салони. Навистина необична е македонската правда: за кеса во река – глоба и метла, за потпис врз името – кариера и политички ореол.

И сега потписникот на договорот што ја принуди Македонија да го промени своето уставно име ни држи јавен час по морал, одговорност и грижа за заедничкото добро.
Каква иронија.
Димитров вели дека првиот инстинкт му бил следниот што ќе го фатиме како фрла ѓубре во река – да го фрлиме и него во реката. Добро е што во меѓувреме решил да биде „голем“ и конструктивен. Само не кажа што предлагаше неговиот политички инстинкт за функционерите што тргуваат со нешто многу поголемо од една кеса – со достоинството, името и волјата на народот.
И за нив ли важи принципот на општокорисна работа?
Можеби да ги испратиме да ги чистат таблите на кои беше допишана географската придавка? Да ги пребојуваат документите, институциите и натписите што ги промени нивниот потпис? Или барем јавно да го собираат она што го растурија низ македонската национална меморија?
Загадувањето на реката е грозен чин. Но постои и политичко загадување. Тоа не се гледа веднаш на површината, не мириса како отпад и не може да се собере во црна кеса. Се таложи во институциите, во учебниците, во документите и во чувството на еден народ дека некој, во негово име, потпишал нешто за што никогаш немал вистинска согласност.
Затоа суштинското прашање не е дали жената со „поршето“ треба да биде казнета. Секако дека треба.
Прашањето е: како се чистат последиците од политички потпис ставен врз името на државата?
Која комунална служба го собира тој отпад? Кој суд ја изрекува таа казна? Кој член од законот го санкционира историскиот товар што останува многу подолго од еден министерски мандат?
За намерно фрлање ѓубре во река Димитров предлага задолжителна општокорисна работа. А за намерно ставање потпис врз договор што засекогаш ја промени Македонија – што предлага?
Молк?
Амнезија?
Или нова јавна улога на еколошки моралист, со надеж дека граѓаните полесно ќе ја запомнат кесата во Лепенец отколку потписот во Преспа?
Но јавноста памети. И реките паметат што е фрлено во нив, како што народите паметат што е потпишано во нивно име.
Жената со „поршето“ навистина се посрамоти. Но нејзината кеса може да биде извадена уште денес.
Потписот на Димитров, за жал, не може.
Токму затоа, пред да измери колку е голем туѓиот срам, поранешниот министер би требало барем еднаш да застане пред сопствениот.
Зашто кесата го загадува Лепенец.
А потписот ја задолжи историјата.
![]()
![]()

