Има ли некој во близина на Миле Лефков и Јон Фрчкоски што ќе им ги земе телефоните, ќе ги тргне од камерите и пријателски ќе им каже: доста е, престанете да се бламирате?
Не поради јавноста. Таа одамна се изнагледала политички циркус.
Поради нив самите.
Бидејќи ова веќе не е политичка дебата, не е битка за вистината, а најмалку е прашање од државен интерес. Ова е натпревар во јавно самопонижување во кој двајцата решиле да одат до крај, едниот со кривична пријава во рацете, другиот со упат за лабораторија.
Лефков бара обвинителството да ги испита јавно објавените фотографии и изјавата „Си пробал? Те сликале“. Фрчкоски, пак, го повикува да се тестираат за присуство на наркотични супстанции, па најавува дека, ако Лефков не дојде, ќе оди сам и јавно ќе ги објави резултатите.
Едниот кон обвинителството, другиот кон лабораторијата.
Народот кон маркетот.
Таму, на касата, секој ден се врши најточното тестирање на македонската реалност. Без анализа на крв. Без анализа на коса. Доволни се една плата, една полна кошничка и една фискална сметка.
Резултатот редовно е позитивен – на сиромаштија.
Додека Лефков и Фрчкоски се прашуваат кој што пробал, граѓаните се прашуваат што повеќе нема да можат ни да пробаат. Месо? Овошје? Нови чевли за детето? Потребните лекови? Или можеби нормален живот што нема да се сведе на грчевито преживување од први до први?
Уште месечната потрошувачка кошничка фали да ја пресметаат во „грамови.“
Со оглед на нивото на политичката дебата, можеби наскоро и тоа ќе го дочекаме. Наместо во денари, лебот, млекото и достоинството на граѓаните ќе се мерат на лабораториска вага, додека политичарите пред камерите ќе продолжат да докажуваат кој е почист, а никој нема да објасни зошто народот е посиромашен.

Синдикалната минимална кошница во септември се приближи до 70.000 денари. Ако се додаде и киријата за стан, на едно семејство му се потребни околу 85.000 денари месечно.
Не за раскош. Не за патувања. Не за ресторани.
За живот на основно ниво.
Околу 25.000 денари се потребни само за храна и пијалаци. Потоа доаѓаат струјата, водата, греењето, превозот, образованието и лековите. Ако по сето тоа остане нешто, семејството може да си го дозволи и најголемиот луксуз во денешна Македонија, неколку дена да не стравува од следната сметка.
Но таквото секојдневие очигледно не е доволно спектакуларно за политичарите.
Нема драматични видеа за мајката што на касата враќа производ затоа што нема доволно пари. Нема итни прес-конференции за пензионерот што избира меѓу лекови и греење. Нема кривични пријави против цените што секој месец безмилосно го празнат семејниот буџет.
Празниот фрижидер не собира лајкови. Неплатената сметка не може да возврати со навреда. Сиромаштијата нема профил на социјалните мрежи, па затоа лесно останува надвор од политичкиот спектакл.
А таму, во спектаклот, продолжува големата национална драма: кој ќе се тестира, кој ќе одбие, кој кого фотографирал и кој прв ќе ги објави резултатите.
Секако, ако постои сомнение за противзаконско дејство, институциите треба да го испитаат. Обвинителството, а не Фејсбук, треба да утврди дали има основа за постапка. Фотографиите и меѓусебните обвинувања сами по себе не се доказ.
Но додека институциите си ја вршат работата, може ли некој да им објасни на двајцата дека државата не смее да биде заложник на нивното его?
Може ли некој да им каже дека ова што тие го доживуваат како жестока политичка пресметка, јавноста го гледа како евтина партиска сапуница?
И конечно, може ли некој едноставно да ги замолчи?
Не затоа што не треба да се утврди вистината, туку затоа што вистината не се утврдува со дневни видеа, довикувања и предизвици како на училиштен одмор. Политичарите не се избрани за да се натпреваруваат кој ќе смисли посочна навреда, туку за да понудат решение за животот на луѓето што ги избрале.
Но токму таму настанува тишината.
За тестирање имаат што да кажат. За кривичните пријави уште повеќе. За платите што не ја покриваат ни синдикалната кошница, неколку партиски флоскули и уште едно ветување.
Тие ја мерат чистотата на сопствената крв, а никој не ја мери нечистотијата на политиката.
Тие се тестираат преку коса и крв.
Граѓаните се тестираат преку глад, долгови, кредити и неплатени сметки.
Тие се прашуваат кој што консумирал.
Народот се прашува што ќе има за консумирање до крајот на месецот.
Затоа вистинското прашање не е кој од нив ќе оди во лабораторија, кој ќе поднесе уште една пријава и кој прв ќе ги покаже резултатите пред камера.
Вистинското прашање е: кој ќе им ја тестира совеста на политичарите?
Кој ќе провери дали таму останало барем минимално присуство на одговорност? Кој ќе ја измери концентрацијата на ароганција, бесрамност и отуѓеност од реалниот живот? И која акредитирана институција ќе потврди дека одамна се негативни на емпатија, а позитивни на евтин популизам?
За дрога можеби е потребен лабораториски тест.
За политичко бламирање не е.
Резултатите ги гледаме секој ден.

![]()

