ЕТЕ ГО ПОВТОРНО „СИМЕ“: СДСМ СО НОВА ФОТОГРАФИЈА И СТАРИТЕ ПРАШАЊА ДО МИЦКОСКИ!

„Симе“ повторно се враќа на политичката сцена, овојпат преку нова прес-конференција на СДСМ. Темата која со месеци е дел од опозициските настапи повторно добива централно место, сега со нова фотографија и нови обвинувања на адреса на премиерот Христијан Мицкоски.

Порталот „Политика“ и претходно критички го анализираше начинот на кој СДСМ ја користи оваа тема во своето политичко дејствување. Во февруари, преку текстот „18 МИЛИОНИ ЕВРА ИСЧЕЗНАТИ – А НИЕ ЗА „СИМЕ“ СЕИР?“, го отворивме прашањето за вистинските приоритети на опозицијата. Во март, со „ВО ПОГРЕШНО ВРЕМЕ, СО ПОГРЕШНА ТЕМА: СДСМ ПАК СЕ ФАЌА ЗА „СИМЕ“!“, повторно укажавме на опасноста сериозните политички прашања да останат во сенка на една иста приказна.

И еве го „Симе“ повторно.

На денешната прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, изнесе нови обвинувања поврзани со С.З., познат како Симе, за кого тврди дека е осуден, но не се наоѓа во затвор.

Кузеска презентираше нова фотографија, за која наведе дека е направена вчера, на 24 октомври, и на која, според неа, Симе повторно се наоѓа во непосредна близина на премиерот Мицкоски, додека тој дава изјава за медиумите.

Од СДСМ тврдат дека Симе е ангажиран во активности на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница, а како поткрепа на сомневањата се повикуваат и на претходно објавени фотографии и видеоснимки од неговото присуство на политички настани.

Кузеска потсети и на претходните партиски тврдења дека лицето било уапсено со поголема количина дрога, оружје, муниција и пари. Таа го спомена и случајот со запленувањето пет тони дрога во Србија, во селото Коњух кај Крушевац, наведувајќи дека двата настана се случиле во ист период.

СДСМ изразува сомневање дека Симе е на слобода за да учествува во политички притисоци и закани во Брвеница, но на прес-конференцијата не беа презентирани судски документи или други независно потврдени докази за овие конкретни тврдења.

Кузеска ја обвини власта дека ги повторува практиките од времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков и побара Обвинителството веднаш да ги испита околностите.

Опозициската партија бара одговор на три прашања: зошто Симе не е во затвор, кој одлучил за неговото пуштање на слобода и како е можно лице за кое СДСМ тврди дека било уапсено со дрога и оружје да учествува во политички активности.

Засега, за целосно расветлување на случајот останува неопходно надлежните институции да го разјаснат правниот статус на С.З., како и основаноста на обвинувањата изнесени од СДСМ.

А во политичка смисла, приказната продолжува таму каде што застана пред неколку месеци. СДСМ повторно зборува за „Симе“, а јавноста сè уште чека одговори и докази што ќе ја одвојат политичката реторика од фактичката одговорност.


 

Loading