Претседателот на Македонски концепт, проф. Петар Богојески, оствари средба со претседателот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илијевски, на која во фокусот биле политичките случувања во Србија, улогата на македонската заедница и иднината на односите меѓу двете држави.
На средбата присуствувал и потпретседателот на Македонски концепт, Љупчо Смилев.
Богојески во својата објава истакна дека Партијата на Македонците во Србија е еден од значајните поддржувачи на Студентската листа, нагласувајќи ја улогата на Македонците во политичките и демократските процеси кај северниот сосед. https://www.facebook.com/share/p/1CdNXEdm6E/
Тој изрази благодарност за политичката определба на македонската заедница во Србија, оценувајќи дека Македонците претставуваат важен мост за искрена соработка и пријателство меѓу македонскиот и српскиот народ.

Особено значајна порака од средбата е отворената поддршка што Партијата на Македонците во Србија ја дава за иницијативата на Македонски концепт за донесување нов национален (граѓански) Устав на Македонија и започнување на европската интеграција.
Во однос на студентското движење во Србија, Богојески упати порака на поддршка за неговите демократски стремежи, но истовремено јасно ги нагласи очекувањата за почитување на македонските национални интереси.
„На студентите им посакуваме да им се исполнат сите соништа за модерна, демократска и европска Србија. Очекуваме почит од нив кон македонската кауза и македонските национални интереси!“, порача Богојески.
Со оваа средба, Македонски концепт ја потврдува својата определба за соработка со политичките претставници на Македонците надвор од државата, со акцент на зачувувањето на македонскиот идентитет, националните интереси и европската перспектива.
![]()

