Европската интеграција на Македонија повторно е во центарот на вниманието по пораките на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која во интервју за МИА отворено проговори за долгогодишното чекање на земјата, билатералните спорови и обврските што претстојат на патот кон Европската Унија.
Кос вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани, особено ако се има предвид дека Македонија кандидатски статус доби уште во 2005 година, а и по повеќе од две децении сè уште не успеа да направи суштински исчекор кон полноправно членство.
Според неа, билатералните прашања не би требало да бидат дел од процесот на пристапување, но признава дека во практиката земјите членки понекогаш ги ставаат сопствените интереси во преден план. Поради тоа, отворените прашања со соседите треба да се решаваат преку дијалог и во духот на добрососедските односи.

Еврокомесарката смета дека поддршката за членство во ЕУ, која сè уште ја имаат околу две третини од македонските граѓани, претставува легитимитет за Владата да го продолжи европскиот пат. Но, истовремено, таа поддршка ја обврзува власта да ги исполни очекувањата на граѓаните.
Кога станува збор за конкретните чекори, Кос нагласува дека реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата остануваат меѓу најважните задачи. Во приоритетите ги вбројува и функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Таа оценува дека Владата добро знае кои обврски треба да ги исполни, но сега е неопходно тие да се спроведат во практика. Реформите, според Кос, се важни не само за напредокот во пристапниот процес, туку и за користењето на финансиските средства од Планот за раст.
Како позитивен сигнал ја посочи позицијата на Македонија меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите предвидени со овој инструмент. Сепак, нагласи дека исплатата на средствата не е автоматска, туку зависи од исполнувањето на преземените обврски.
Кос смета дека променетите геополитички околности, особено по почетокот на војната во Украина во 2022 година, придонеле проширувањето повторно да стане стратешки приоритет на Европската Унија. Како примери за актуелната динамика ги посочи напредокот на Црна Гора и бројот на затворени преговарачки поглавја во текот на оваа година.
Според неа, случувањата во регионот покажуваат дека и Македонија треба да направи следен чекор. Во таа насока, таа ја повика Владата да ја исполни преземената обврска за уставните измени, по што, како што рече, пристапниот процес би можел да продолжи без дополнителна политичка одлука.
Покрај политичките и институционалните прашања, еврокомесарката се осврна и на економските придобивки од постепената интеграција. Како пример го наведе членството во СЕПА, кое веќе овозможува поевтини прекугранични банкарски трансакции.
Според процената што ја изнесе, оваа придобивка за Македонија може да достигне околу 60 милиони годишно, особено имајќи ја предвид бројната дијаспора и паричните трансфери што ги испраќаат македонските граѓани од странство.
Кос порача дека граѓаните не треба да чекаат полноправно членство за да ги почувствуваат придобивките од поблиската интеграција со Унијата. Постепеното вклучување во европските политики, пристапот до одредени поволности и соработката во различни области треба да донесат конкретни резултати и пред формалното членство.
Во завршницата од интервјуто, таа ја нагласи и мировната димензија на европскиот проект, потсетувајќи на конфликтите во поранешна Југославија и актуелната војна во Украина. Според Кос, зачувувањето на мирот и стабилноста останува една од најважните задачи на европските држави, а Европската Унија ќе ѝ помогне на Македонија во надминувањето на отворените прашања со соседите.
![]()

