УСТАВНИ ИЗМЕНИ, ПА ДВЕ КОНФЕРЕНЦИИ – А ПОТОА НОВО ИЗНЕНАДУВАЊЕ?

Евроамбасадорот Михалис Рокас најавува две меѓувладини конференции во ист ден, веднаш по евентуалното усвојување на уставните измени, но истовремено признава дека Македонија и во текот на пристапните преговори може да се соочи со нови непредвидени пречки од страна на земјите членки на Европската Унија.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Рокас објасни дека со првата конференција би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права.

Тој призна дека во преговорите може да се појават прашања што досега не биле предвидени, посочувајќи ја како пример актуелната ситуација меѓу Хрватска и Црна Гора.

Рокас нагласи дека за отворање на кластерот „Темели“ треба да бидат завршени три документи: Патоказот за реформата на јавната администрација, Патоказот за владеење на правото и Акцискиот план за малцинствата. Документите треба да добијат одобрение од Европскиот совет.

Во однос на Акцискиот план, премиерот Христијан Мицкоски од Брисел порача дека најнапред треба да се постигне согласност за овој документ, бидејќи, според него, 26 земји членки го прифаќаат, додека Бугарија има забелешки.

Акцискиот план предвидува мерки за борба против говорот на омраза и дискриминацијата, подобрување на образованието и учебниците, употребата на малцинските јазици и заштитата на културното наследство. Според Министерството за надворешни работи, документот е подготвен со експерти од Европската комисија и Советот на Европа, а процесот на негово усогласување трае од 2023 година.

Но, токму во изјавата на Рокас се крие најголемиот проблем за македонската евроинтеграција. Од Македонија се бараат уставни измени, реформи, патокази и исполнување на нови обврски, а истовремено евроамбасадорот отворено предупредува дека може да се појават и дополнителни пречки.

Две конференции во еден ден звучат како големо дипломатско ветување, но каде е гаранцијата дека по нив нема да следува ново вето, ново барање и ново условување? Ако и самиот претставник на ЕУ признава дека процесот може да донесе непредвидени изненадувања, тогаш со каква сигурност од Македонија се бара да носи неповратни одлуки?

Македонија не бара привилегии, туку јасни правила и еднакви критериуми. Не може европската перспектива постојано да се претвора во нова листа на услови, додека ветувањата за напредок остануваат само дипломатски формулации.

Рокас ни најавува две конференции, но сè уште нема одговор на едно едноставно прашање: кој гарантира дека ова навистина ќе биде последното условување?

Loading