Лепче со паричка за Бадник може да се најде во секоја продавница, но традицијата вели дека тоа треба да се приготви дома, секако ако имате доволно време да ги засучете ракавите и сами да замесите.
Еве еден рецепт за убаво, меко ко душа бадниково лепче со паричка.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
- 200ml млака вода
- 5g сол (мала рамна лажичка)
- 5g шеќер (мала рамна лажичка)
- 10g свеж квасец
- 450g брашно (дополнително за набрашнување на работната површина и плехот
КАКО ДА ГО ПОДГОТВИТЕ:- Во длабок сад се става млака вода, а потоа се додава сол и шеќер. Се меша со лажица додека солта и шеќерот не се стопат.
- Во растворот се додава квасец и се меша додека не се добие еднаква смеса.
- Брашното се додава постепено во водата со квасецот и се меша, за да не се направат грутки.
- Се замесува меко тесто, кое не треба да се лепи на прстите.
- Замесеното тесто се посипува со малку брашно, се покрива со крпа и се остава да отстои 20-тина минути на собна температура.
- Тестото се вади на набрашнета површина.
- Паричката претходно се мие и се обложува со алуминиумска фолија и се вметнува во тестото кое потоа се обликува во форма на лепче.
- Готовото лепче се става на набрашнет плех и се остава да стаса околу 50 до 60 минути на собна температура.
- Во меѓувреме рерната се загрева на температура од 200 степени Целзиусови.
- Стасаното лепче се пече на температура од 200 степени околу 30 до 35 минути или додека не добие златно кафеава боја. Притоа, рерната треба да биде вклучена само со горен и долен грејач, без вентилатор.
- Откако ќе се испече лепчето, се покрива со чиста крпа и се остава да се олади.
![]()

