Судскиот совет да провери како нивна колешка која ја назначија за претседателка на Апелацискиот суд во Битола, успеа да ја добие таа престижна фотелја? Која беше цената и колку тони тежат солзите на една мајка и на едно четиригодишно дете со пресудата која не е донесена врз основа на факти и аргументи, побара пратеничката Иванка Василевска од собраниската говорница во врска со случајот во кој Апелацискиот суд Битола ја потврди пресудата на Основниот суд Охрид и старателството му го додели на таткото, моќник од Охрид осуден за семејно насилство и лажно пријавување на мајката на заедничкото дете. Од адвокатските тимови на мајката обвинуваат дека мајката на четиригодишното дете секој ден e под закани и дека случајот е полн со низа сомнителни искази и апсурдни образложенија.
Во свооето обраќање пред Собранието на седницата посветена на петте интерпелации за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието одржана на 11 март, пратеничката Иванка Василевска побара од Судскиот совет да провери како судијката Жаклина Доведен била избрана за претседателка на Апелацискиот суд Битола.
„Ќе им дадам една задача на Судскиот совет да проверат како нивната колешка која ја назначија за претседателка на Апелациониот суд во Битола, госпоѓата Жаклина Доведен успеа да ја добие таа престижна фотелја? Која беше цената и колку тони тежат солзите на една мајка и на едно четиригодишно дете со пресудата за која Доведен рекла дека морала да ја донесе? Каде е правдата и правото, за една мајка и едно дете кога имаме претседателки на Апелација во Битола коишто мораат да донесат една таква неправична пресуда. Пресуда која не е врз факти и аргументи, туку е донесена од политички интереси, потреба од функции и секако претпоставувана материјална корист. Има моќници во нашата држава кои немаат проблем да платат колку што ќе се побара“, рече пратеничката Василевска од собраниската говорница.
![]()

