По триумфот, Ѓоковиќ направи шоу на прес-конференцијата: Откри и каква оценка му дал синот на Меси (Видео)

Новак Ѓоковиќ повторно блеска на тенискиот терен.

Во петокот го совлада Григор Димитров во два сета и го трасираше патот кон финалето, каде што го очекува дуел со Јакуб Меншик во напад на својата 100-та титула.

Новак во полуфиналето против бугарскиот ривал имаше и посебен навивач. Станува збор за најдобриот фудбалер на сите времиња, Лионел Меси, кој заедно со сопругата и еден од синовите го следеше српскиот тенисер.

Ѓоковиќ и Меси се познаваат од порано, а Аргентинецот живее во Мајами, каде што игра за екипата на Интер.

По мечот, Новак со насмевка зборуваше за средбата со синот на Меси.

„Денес неговиот син ме оцени со осум од 10, што е прилично добро. Имаше многу сериозен израз на лицето кога ми го кажа тоа и додаде дека следниот меч морам да бидам 10 од 10. Сега сум под голем притисок. Да, постојано се шегуваме.“

Новак истакна дека му претставува голема чест што Меси дојде на мечот со целото семејство.

„Навистина ми беше драго што го сретнав со семејството. Тоа беше многу трогателен момент. Едно е да дојде сам, а друго е да ја доведе својата сопруга и децата… Како млад татко, знам што значи тоа. Навистина бев трогнат. Ја ценам можноста да поминам време со него. Голема работа е за турнирот што беше тука,“ изјави Ѓоковиќ.

Loading